На последната седница на Универзитетскиот сенат на Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип е усвоена одлука со која финансиски ќе се поддржува наставничкиот кадар за различни научни активности.
Со ова УГД ќе се потруди да го подигне нивото на научните истражувања на ниво на држава преку подигање на нивото на истражувања кои се прават на Универзитетот.
Целта е да се подигне нивото на научноистражувачката работа, да се зголеми компетитивноста на вработените научници и истражувачи на УГД, да се зголеми бројот на научни публикации и др. Идејата е да ги зголемиме научноистражувачките капацитети и да им помогнеме на наставниците да објавуваат повеќе трудови со фактор на влијание во реномирани светски научни списанија. Преку индивидуална поддршка на нашите истражувачи и научници ќе влијаеме на развојот на науката во државата воопшто, велат од УГД.
Поддршката на наставниците и соработниците се однесува на нивно финансирање за активно учество на меѓународни научни собири и конференции, како и објавување на научни или стручни трудови во референтни меѓународни списанија.