Недела, Декември 22 2024
Следете нè

Промовиран прирачникот за тренери

Во рамките на проектот „Meaningfulness in youth sport“, Спортскиот и културен центар при УГД неодамна го промовираше прирачникот за тренери. Станува збор за издание кое треба да им помогне на тренерите и спортските работници да работат со младите таленти и да помогне во промоција на концептот за значајност на спортот за млади.
Прирачникот ќе им помогне на професионалните тренери кои работат со млади генерации на спортисти во тоа како да останат мотивирани во спортот. Еден од клучните проблеми на младите е што не се задржуваат во спортот и се откажуваат во време кога треба да почнат да постигнуваат значајни резултати. Тој критичен период треба да биде препознаен од тренерите и спортските работници и тие треба да имаат вештини како да ги задржат младите. Токму тоа е на некој начин и улогата на овој прирачник - изјави проф. д-р Билјана Попеска од УГД.
Настанот се одржа во тренинг центарот на УГД, а присутни беа голем број тренери од Штип и од регионот кои покажаа интерес и се вклучија во дискусија за тоа како можат да се мотивираат младите да останат во спортот, односно да се задржат во време кога е клучно за постигнување резултати.
Проектот е партнерски труд на универзитети од Македонија, Ирска, Шкотска, Норвешка и од Канада. Во рамките на проектот се направени и опсежни истражувања и анализи кои треба да им помогнат на сите спортисти и спортски работници.