Во рамки на проектот „BeValueR Relolad“ во која е вклучен тим на професори од УГД, развиена е онлајн платформа преку која ќе се следи напредокот на деца од т.н. Generation Z (млади на возраст од 12 до 17 години), во подобрувањето на морални квалитети и особини, поттикнати од одредени искуства и практики стекнати во тек на активното занимавање со боречки вештини, конкретно таеквондо, карате и борење.
Платформата вклучува т.н. бонус систем кој подразбира собирање на поени за секоја активност во домот, училиште, клубот или со врсниците, а кои се однесуваат на развој на позитивни морални особини кај младите, поддржани од нивните родители и тренерите во клубот. Бонус системот се базира на основните принципи на таеквондо, програма за родители и програма за млади, развиени во рамките на проектот. Во рамките на програмите, кои се резултат на претходни истражувања со тренери, родители и млади за посакувани морални карактеристики за деца кои се занимаваат со боречки вештини и генерално со спорт, предложени се бројни активности и примери за поттикнување на позитивни морални особини. Преку нивна примена во спортскиот клуб, семејството и со врсниците се поттикнува креирањето на силни позитивни врски меѓу врсниците во рамките на клубот, со тренерите и со родителите и позитивни модели на однесување.
Крајна цел на платформата е покрај позитивно влијание на младите да ги истакне и вредностите на спортот, во прв ред боречките вештини, како форми кои влијаат на сестраниот развој на младите и формирањето на здрави и комплетни единки. Партнери на УГД во рамките на овој проект се Карате клуб - Штип, предводен од тренерот Жарко Арсовски и Боречки клуб „Киро Ристов“, предводен од тренерот Трајче Димков.
На онлајн состанокот одржан на 24.6.2022 година, партнерите во проектот се запознаа со начините за користење на платформата и формите на примена на истата во рамките на клубовите. Во периодот кој следи спортистите ќе може да ја применуваат истата и да собираат соодветно поени како форма за добивање на соодветен бонус. Искуствата од примената во сите земји ќе бидат споделени на заеднички настан кој ќе се реализира во август 2022 година во рамките на Летен спортски камп „BeValueR Reload’ кој ќе се одржи во Обзор, на брегот на Црно Море, Р. Бугарија. На истиот учество ќе земат децата кои постигнале најголем број на бонуси. На кампот, покрај споделување на искуствата од примената на платформата, ќе има и организирани тренинзи во таеквондо, карате и борење.
Проектот „BeValueR Reload“ е проект во рамките на програмата Еразмус+ спорт. Координатор на проектот е Централен полициски таеквондо клуб од Бугарија, поддржан од проектните партнери: Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип (Македонија), Приватен спортски колеџ (Бугарија), ТК „Анац Шентјур’ (Словенија), Спортски клуб „Аристотелис“ (Грција) и Романска таеквондо федерација (Романија).