Вторник, Ноември 19 2024
Следете нè

УГД и одбојкарските екипи дел од проектот Meaningfulness in Youth Sport (MiYS)

Во рамките на програмата Еразмус + спорт, УГД заедно со тренерите на одбојкарските екипи при УГД се вклучени во проектот Meaningfulness in Youth Sport (MiYS).

Проектот има за цел да формира меѓународна мрежа на експерти од областа на спортската педагогија кои заеднички ќе креираат прирачник со стратегии за тренери кои работат со млади спортисти. Од почетокот на проектот во март 2021 г. до денес, преку бројни онлајн состаноци, истражувања и анализи, креиран е прирачник „Стратегии за тренери (Strategies for coaches)“ во кој се имплементирани 5 различни принципи кои се основни за работа со млади спортисти и почетници. Во соработка со тренерите во спортски клубови од различни спортови, „Стратегии за тренери“ се применува во пракса и нивните искуства се користат за надополнување и креирање на финалната форма на прирачникот кој потоа ќе биде достапен за тренерите во сите земји вклучени во проектот.

Во рамките на проектот, во период од 25 до 27 мај 2022 година во Единбург – Шкотска се одржа првиот состанок на учесниците во проектот со физичко присуство. На состанокот беа разгледани искуствата на тренерите од Паркур клубот „Access Parkour“ од Единбург и нивните искуства од примената на стратегиите. Дополнително, во рамките на состанокот, беше одржан и семинар за наставници по физичко воспитание од Шкотска, во чии рамки беше анализирана употребата на петте стратегии за тренери во рамките на наставата по Физичко воспитание. Беа дискутирани начините како наставата по ФЗО и процесот на тренинг да формираат искуства кои ќе бидат значајни за децата и ќе овозможат вреднување на нивното лично доживување и искуства како значајно за процесот на тренинг и настава, со што ќе се овозможи нивно задржување во целиот процес.

Во рамките на активностите беше реализирана посета на тренинг сесија на деца на возраст од 7 и 8 години во Паркур клубот Access Parkour од Единбург и беше набљудувана примената на принципите во пракса. Учесниците од проектот беа дел и од практична сесија во паркур, наменски организирана за учесниците во проектот.

Координатор на проектот е Mary Immaculate College од Ирска. Партнери во проектот се Универзитетот во Единбург – Шкотска, Универзитет „Гоце Делчев“ – Македонија, Norwegian School of Sport Science – Норвешка и Brock University – Канада. Секоја институција е вклучена со партнер спортски клуб, односно вклучени се Oola Ladies Gaelic Football club – Ирска, Monolitten Floorball/ Bandy club – Норвешка, машки одбојкарски клуб УГД - Штип и женски одбојкарски клуб Младост УГД  - Македонија, Access Parkour club – Шкотска. УГД во проектот е претставуван од проф. д-р Билјана Попеска од Факултет за образовани науки и тренерите на машката и женската одбојкарска екипа на УГД – Кристиан Ристески и Кристина Манева.

Повеќе информации за проектот може да се најдат на веб-страницата: www.mic.ie/miys или на Твитер профилот Twitter: @in_miys.

Joomla Gallery makes it better. Balbooa.com