Вторник, Ноември 19 2024
Следете нè

УГД домаќин на активност од проект „Meaningfulness in Youth Sport (MiYS)“

Во рамките на програмата Еразмус + спорт, УГД  e партнер-учесник во проектот Meaningfulness in Youth Sport (MiYS). Координатор на проектот е Mary Immaculate College од Ирска.

Партнери во проектот се: Универзитетот во Единбург – Шкотска, Универзитет „Гоце Делчев“ – Македонија, Norwegian School of Sport Science – Норвешка и Brock University – Канада. Секоја институција е вклучена со партнер спортски клуб, односно вклучени се: Oola Ladies Gaelic Football club – Ирска, Monolitten Floorball/ Bandy club – Норвешка, Машки одбојкарски клуб УГД - Штип и Женски одбојкарски клуб Младост УГД  - Македонија, Access Parkour club – Шкотска. УГД во проектот е претставуван од проф. д-р Билјана Попеска од Факултет за образовани науки и тренерите на машката и женската одбојкарска екипа на УГД – Кристиан Ристески и Кристина Манева.

УГД беше домаќин на една од активностите од проектот, при што беа одржани тренинзи со одбојкарските екипи во Спортската сала „Јордан Мијалков“, со примена на стратегиите изработени во рамките на проектот досега.

- Ова е настан кој е во рамките на проектот „Значајноста на младинскиот спорт“, во кој е вклучен Универзитет „Гоце Делчев“ како партнер заедно со универзитети од Ирска, Норвешка и Канада. Во рамките на проектот веќе се изработени стратегии кои треба да им помогнат на тренерите кои работат со младите категории. Тоа е особено важно затоа што не сите тренери имаат искуство со работа со помали деца, исто така е важно за да можеме да ги привлечеме децата во спортот, но и да останат во спортот. Оттука, Универзитетот е вклучен комплетно во целиот процес на развој и креирање на стратегии, а понатаму и спортските клубови – одбојкарските во машка и женска конкуренција се вклучени во практичната примена и имплементација на стратегиите во секојдневната пракса во рамките на тренинзите. Сметаме дека овој прирачник ќе биде многу корисен за сите тренери кои работат со младинци, но и за наставниците по физичко образование, бидејќи нуди принципи кои се универзални кога станува збор за работа со млади – изјави проф. д-р Билјана Попеска од Универзитетскиот спортски центар.

Следната фаза од проектот ќе се реализира во Норвешка.

Изјавите од настанот во Штип проследете ги во видеото.