Четврток, Мај 2 2024
Следете нè

Мојот пат кон успехот со УГД – Ана Михаиловска

Име и презиме: Ана Михаиловска

Факултет и студиска насока: Факултет за природни и технички науки; студиска програма Инженерство за заштита на животната средина

Тековна професија: Дипломиран инженер за заштита на животна средина

Место на вработување: Универзитет „Гоце Делчев” - Штип

Животно мото: Не е важно колку пати ќе паднеш, важно е секогаш повторно да се исправиш на нозе, секогаш похрабра и подготвена за поголеми предизвици.

Позиција на која работам денес: Демонстратор на Факултет за природни и технички науки при Универзитет „Гоце Делчев” - Штип и дел од тимот на AMBICON - Лабораторија за животна и работна средина која функционира во склоп на Универзитетот.

Мојот рецепт за успех се состои од:  Рецепт за успех не постои. Животот е динамичен и постојано ти дава успеси и падови. Поразот е составен дел од животот е прво правило кое го научив чекорејќи низ моите соништа. Љубовта кон она што го правите е причина поради која секогаш похрабри се кревате низ патот наречен живот. Јас сум само една млада личност која допрва ќе се развива и бори за свое место под сонцето.

Најголеми предизвици на патот до успехот ми беа: Многубројните предизвици кои животот ги носи никогаш не ги гледав од аспект на разочарување, туку се водев со мислата дека секој предизвик е само една цврста плочка која треба да се прегази и да се продолжи кон зацртаното. Студиите со себе носат непроспиени ноќи, огромни жртвувања за кои е потребна храброст, но сите тие предизвици од нас прават цврсти академски граѓани и столбови на едно општество.

Со УГД се дружев 4 години

Факултетот и насоката ги избрав затоа што: Гледајќи во каков динамичен свет живееме, секојдневните предизвици со аерозагадувањето, климатските промени и глобалното затоплување, како составен дел на сите сектори кои кај нас допрва ќе се чувствуваат, ме натераа да бидам дел од еколошката политика, да се борам за чист воздух и здрава животна средина за која е потребно сериозно инвестирање.

Како клучна предност на студиите на УГД ги издвојувам: Не само предност, јас чувствувам и привилегија да студирам под закрилата на ваков научно-образовен кадар. Високото образование раѓа доверба, а довербата раѓа надеж да го промените светот. Со вакви идеи, желба за напредок и заднина која ве турка, секогаш ќе бидете чекор понапред.

Праксата на УГД, како составен дел од студиите, ја остварив во: Како стипендист на Рудникот за олово и цинк „САСА” три години во текот на студиите посетував  летна пракса во Рудникот. Во текот на четвртата година од студирањето бев вклучена во активностите на AMBICON, односно Лабораторијата за животна и работна средина во склоп на Универзитетот.

Од студиите на УГД за развој на успешна кариера најмногу ми помогна: Она што го имате во умот е силата која ве тера напред. Понекогаш и безброј фактори да ве туркаат напред не значат ништо доколку немате желба и визија за себе.

Мудрост споделена од професор/ка на предавања која ми остави најголем впечаток во животот: Без разлика каде и да бидам во животот зборовите на мојот ментор на дипломската работа секогаш ќе ги носам со себе. Тој велеше:  „Ако сакаш да одиш брзо, оди сам. Ако сакаш да одиш далеку, оди со некого“, посочувајќи ми ја важноста на тимската работа за голем напредок. Животната средина е поврзана со сите сектори на едно општество и бара комуникација меѓу сите сфери. Верувам и знам дека со силна соработка и визија нашата држава ќе биде еколошки чиста и одржлива.

Книга, видео, поткаст или настан кој би им го препорачал/а на другите: Безвременската реалистична новела на Толстој, „Ана Каренина“.

Совет за младите како идни студенти: Никогаш не се откажувајте да верувате во убавината на своите соништа. Водете се од желбата да го промените светот и никогаш не се откажувајте од својата замисла. Животот често знае да биде суров, да ве расплаче и да ве турне кон темнина, но успешните луѓе во секоја област ги краси една прекрасна особина - не се откажуваат.

Повеќе информации за можностите што ги нуди УГД на нашата веб-страница: https://www.ugd.edu.mk/index.php

Повеќе успешни приказни од студентите на УГД може да најдете на следниов линк: https://life.ugd.edu.mk/index.php/studenti

Детални информации за студиската насока и факултетот се достапни на следниов линк: https://fptn.ugd.edu.mk/documents/studiski/1-ciklus/2021-2022/inzinerstvo-zastita-zivotna-sredina-studiska.pdf

Едукативни и информативни колумни од нашите професори може да најдете на следниов линк: https://life.ugd.edu.mk/index.php/nauka