На Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип започна дводневна Еразмус конференција, каде што сите студенти можат да добијат информации за тековниот Конкурс. Новата програма е повеќе дигитална, и целта на конференцијата е да се објасни процесот за аплицирање и за пополнување на договорите.
- Студентите ќе можат директно да ги видат целиот процес и да се вмрежуваат со другите Еразмус плус студенти со цел да дознаат повеќе од нивното лично искуство. УГД учествува во оваа програма од 2014 година, повеќе од 400 студенти од нашиот универзитет заминале на Еразмус размена, секоја година околу 40 странски студенти престојуваат на УГД, а учествуваат и професорите и сите вработени на УГД за кратките Еразмус плус мобилности. Денешната конференција е почеток на оваа дигитална програма, бидејќи од наредниот семестар секој студент индивидуално ќе ги бара предметите, ќе го реализира процесот, кој целосно ќе е дигитален. Тоа ќе им овозможи на студентите и да имаат контрола на целата мобилност, како и начинот на полагање и признавање на испитите – изјави Сања Максимова, Еразмус плус координатор на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
- Ова е заеднички настан со претставници од WBAA, Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип, кои се активни во програмата Еразмус плус и воедно со претставници од Еразмус студентската мрежа. Правиме заеднички настан, каде што ќе се приклучат и колегите од Еразмус канцелариите од Црна Гора и БиХ. Целта е промоција на програмата Еразмус плус, приоритетите на програмата, и информирање на студентите, наставничкиот и административниот кадар за можностите кои ги нуди оваа програма во делот на високото образование. Како Национална агенција ги покриваме сите региони во државата и правиме една промоција, запознавање на сите чинители во општеството кои можат активно да учествуваат во програмата. Задоволни сме и од соработката со Универзитет „Гоце Делчев“. Имаме статистики и анализи, кои покажуваат дека повеќе од еден милион евра се доделени преку УГД, повеќе од 450 студенти веќе реализирале одредени мобилности во 33 држави кои се активни чинители во програмата Еразмус плус. Воопшто, интересот на студентите се зголемува и важно е да се каже дека 80 % од студентите кои биле на Еразмус мобилност и завршиле додипломски студии се вработиле во првите шест месеци по дипломирањето. Исто така, 91 % од студентите би ја препорачале програмата на други свои колеги, така што имаме позитивен импакт и очекуваме тој да расте во периодот пред нас - изјави Александар Богоевски, претставник од Националната агенција за Европски образовни програми и мобилност.
Конкурсот за Еразмус плус мобилност за оваа година е во тек, а можност да остварат мобилност имаат 30 студенти од УГД.
Joomla Gallery makes it better. Balbooa.com