Недела, Декември 22 2024
Следете нè

Стојче Речаноски од ЕТФ добитник на „Инженерски прстен“

Претседателот Стево Пендаровски го врачи признанието „Инженерски прстен“ на 12 најуспешни студенти кои дипломирале на факултетите што негуваат инженерски дисциплини во Република Северна Македонија.

Меѓу добитниците на признанието е и Стојче Речаноски, студент на Електротехнички факултет на УГД. Покрај него, добитници се уште девет студенти од Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и еден од Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Манифестацијата „Инженерски прстен“ се одржува по 19. пат во организација на Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, а под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија.

Претседателот Пендаровски во своето обраќање истакна дека со доделувањето на ова признание придонесуваме за афирмирање на инженерските професии, а оваа манифестација придонесува за промоција на инженерството.

„Машинци, архитекти, информатичари, технолози, електротехничари, градежни, земјоделски и шумарски инженери, добитници на Инженерски прстен, но и сите останати инженери се движечка сила на секоја држава. Тие млади луѓе веќе суштински придонесуваат за македонската економија, а со тоа и за благосостојбата на сите наши граѓани“, рече претседателот Пендаровски на церемонијата за доделувањето на признанието „Инженерски прстен“, која се одржа во Кабинетот на претседателот.       

„Верувам дека, како што е случај во развиените земји, и кај нас сẻ повеќе соодветно ќе се вреднува значењето на инженерските струки, а тие сѐ повеќе ќе стануваат привлечни за младите. За тоа да се случи очекувам надлежните институции, секоја во рамките на своите надлежности, да придонесат за понатамошниот развој на инженерството кај нас. Почитувани добитници на признанието Инженерски прстен, и на денешново доделување повторно сакам да ја изразам својата надеж дека најголем дел од вас ќе продолжат да се надградуваат, да напредуваат и професионално да се реализираат во својата родна земја. За таа цел треба да ги отвориме научно-образовните институции и државните институции и органи, но, пред сѐ, стопанските субјекти, за во нив младите инженери да ги реализираат своите знаења и квалитети и професионално да се наградуваат. Темата за инвестирањето во младите инженери и воопшто во младите не смее да остане само на ниво на пригодна политичка реторика, туку тоа треба да функционира и во пракса. Сите сме заситени од флоскули и убави зборови, додека во реалноста промените не се случуваат со потребното темпо“, изјави Пендаровски.