Четврток, Април 25 2024
Следете нè

Мојот пат кон успехот со УГД – Александар Лонгуров

Име и презиме: Александар Лонгуров

Факултет и студиска насока: Факултет за медицински науки - Општа медицина

Тековна професија: Специјализант по општа хирургија во Клиничка болница - Штип и Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

Место на вработување: Клиничка болница - Штип и Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

Животно мото: Salus aegroti suprema lex (Здравјето на пациентот нека биде врвен закон).

Позиција на која работам денес: специјализант по општа хирургија во Клиничка болница - Штип и Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје

Мојот рецепт за успех се состои од: Напорна работа, решителност и желба за она што го работам.

Најголеми предизвици на патот до успехот ми беа: Иако сѐ уште сум на почеток од мојата професионална кариера, најголем предизвик ми беше одлуката дали да останам во државата или своето знаење да го продолжам надвор од Македонија. Одлуката ја донесов и одлучив да продолжам таму каде што припаѓам најмногу. Се надевам дека Македонија ќе ги препознае сите млади лекари кои сакаат да продолжат со едукација и надградба на своето знаење и ќе ги задржи да останат да работат и творат во неа.

Со УГД се дружев: 6 години.

Факултетот и насоката ги избрав затоа што: Медицината ја засакав од моите родители кои повеќе од дваесет години работат во оваа област. Средно училиште учев во СОУ „Јане Сандански” во Штип, кое е средно медицинско училиште, па оттаму решив образованието да го продолжам токму во таа област.

Како клучна предност на студиите на УГД ги издвојувам: Автономност, реализација на секоја идеја на студентот и можноста за едуцирање и доедуцирање во странство.

Праксата на УГД, како составен дел од студиите, ја остварив во: Праксата во најголем дел ја поминав во Клиничка болница - Штип. Дел од летната пракса ја поминав и во „Аџибадем Систина“ - Скопје, која за мене беше едно големо искуство.

Од студиите на УГД за развој на успешна кариера најмногу ми помогна: Како студент имав желба да направам студентска организација која ќе функционира независно и нејзина цел ќе бидат интересите на студентите. Започнавме во 2018 година кога со уште двајца колеги ја формиравме организацијата СООМ-УГД. На почетокот беше многу тешко, но за кратко време успеавме да се консолидираме и да направиме два конгресi, една летна школа и уште неколку хуманитарни акции кои беа поздравени од целиот Универзитет. Организацијата постои и ден-денес и функционира извонредно, и иако не сум студент сѐ уште сум во контакт со претседателот на СОМА и сум на располагање за секаква идеја и реализација.

Книга или настан од студентските денови што засекогаш ќе ги паметам: Дефинитивно белег на моето студирање ќе остави формирањето на нашата студентска организација, двата меѓународни конгреси и летната школа, како и дружбите и пријателствата стекнати во текот на целото студирање. 

Мудрост споделена од професор на предавања која ми остави најголем впечаток во животот: Најголем дел од мојата мотивација ја користев гледајќи и слушајќи го проф. д-р Методија Чепреганов. Неговите  стручни совети се она по кое и ден-денес настојувам да се придржувам. Имено, кога станува збор за предавања овде спаѓаат и знаењата пренесени од: проф. Ѓоргоски, проф. Марковски, проф. Бошњаковски, проф. Рушковска... и многу други професори чиишто примери и искуства ќе ни користат во текот на целата наша кариера.

Книга, видео, поткаст или настан кој би им го препорачал на другите: Кога станува збор за стручна литература и учење од интернет би им препорачал на идните и сегашни студенти да го следат на YouTube - Armando Hasudungan, каде што можат да најдат многу теми поврзани со студирањето и на еден поинаков начин да пробаат да ја разберат материјата со којашто се соочуваат.

Од YouTube канали би ги советувал да го следат и каналот на UBS Medicine – Educational media.

Кога станува збор за книги, дефинитивно ги препорачувам книгите на проф. д-р Методија Чепреганов („Стресот и ние“ и др.), a од странска литература Jordan Petherson и неговите „12 животни правила“.

Совет за младите како идни студенти: Не се откажувајте од желбите и идеите кои ги имате во текот на студирањето. Кога-тогаш ќе дојде време да ги реализирате. Вклучувајте се почесто во вонстудиски активности и правете добро. Само така ќе ја почувствувате професијата што ја учите.

 

За повеќе информации за можностите што ги нуди УГД посетете ја нашата веб-страница: https://www.ugd.edu.mk/index.php

 

Повеќе успешни приказни од студентите на УГД може да најдете на следниов линк:

https://life.ugd.edu.mk/index.php/studenti

 

Детални информации за студиската насока и Факултетот се достапни на следниов линк: https://fmn.ugd.edu.mk/documents/studiski/1-ciklus/2017-2018/opsta-medicina-strukturna.pdf

 

Едукативни и информативни колумни од нашите професори може да најдете на следниов линк: https://life.ugd.edu.mk/index.php/nauka