Сабота, Декември 21 2024
Следете нè

Студенти на Технолошко-технички факултет при УГД на студиска посета во Солун, Грција

Студентите на Технолошко-технички факултет при УГД во изминатиот период беа на студиска посета во Солун, Грција, во рамките на проектот „Fashion Employment hub".

Учеството на оваа студиска посета беше по покана на Текстилното трговско здружение „Текстилен кластер“ - Штип. Присуствуваа студенти од прва до четврта година на насоката Дизајн и технологија на текстил и облека, а беа придружувани од страната на проф. д-р Сања Ристески.

Целта на оваа студиска посета беше запознавање и обука на студентите за CAD/CAM системите и Fashion snoops платформата.

Платформата Fashion Snoops Trend обединува креативци од дизајн, развој на производи, трговија, маркетинг и купување. Оваа платформа ги поврзува точките од културното влијание до иновациите на производите. Преку Fashion snoops платформата студентите работеа на креативноста, истражуваа за тековните и идните модни трендови, како во областа на материјалите така и во делот за дизајн.

Проектот имаше за цел да ги подобри вештините на младите модни дизајнери, текстилни и конфекциски инженери во прекуграничната област и развој на моден центар за вработување.

Имплементатори на проектот се Центарот за доживотно учење на регионот Централна Македонија (Seers), Грчката асоцијација за модна индустрија (SEPEE), здружението Центар за развој и промоција ПРОМО ИДЕЈА - Струмица и Текстилно трговско здружение „Текстилен кластер“ Штип.

На крајот од ова студиско патување, студентите се стекнаа со знаења и вештини кои им помогнаа за подобро разбирање за актуелните модни трендови, како и CAD/CAM системите кои можат да им помогнат во подобрувањето на продуктивноста при работа.

Преку обуката за Fashion Snoops платформата се стекнаа со вештини за развивање на креативноста, добивање на идеи, креирање на нови модели врз основа на направените анализи и реализираа дизајни следејќи ги актуелните идни трендови.

Искуства на дел од студентите кои ја посетија обуката

Мери Тасеска, апсолвентка на ТТФ

Посетата на Солун, организирана од страна на Текстилниот кластер, ми ја збогати креативноста и ми поттикна мотивација за создавање креации во чекор со новата ера. Искуството беше неповторливо и ми овозможи на полесен и побрз начин да ги надополнувам своите идеи за создавање нови дела.

Павлина Горгиева, студентка во трета година на ТТФ

Оваа студиска посета за мене беше ново искуство во областа на дизајнот и модата. Fashion Snoops Platformata ни овозможи да ги запознаеме модните трендови и боите што ќе следат во следните сезони. Преку предавањето што го имавме за CAD/CAM сфативме дека можат речиси целосно да го автоматизираат целиот процес на дизајнирање и производство на облека, што ќе ни овозможи нам како дизајнери и идни инженери лесно да ја модифицираме својата работа и да ја пренесеме на CAM систем, што потоа го произведува производот што сме го дизајнирале.

Предавањата сите денови беа пријатни и инспиративни за нас како млади дизајнери, при што стекнавме нови искуства, знаења и можност да се запознаеме со студенти од други универзитети и да го споделиме нашето знаење и идеи.

Софија Пецева, студентка во трета година на ТТФ

Оваа обука за сите нас беше ново искуство. Предавањата беа во пријатна атмосфера и секогаш имаше тимска работа. Имавме можност да се стекнеме со нови знаења, Fashion Snoops Platform ни овозможи да се запознаеме со идните модни трендови, како и врвните модни трендови со бои, дезени и материјали. Исто така, имавме предавања за CAD/CAM системи.

Fashion Snoops Platform ме инспирира за создавање на нови креации.

Оваа патување ни овозможи стекнување со нови пријателства со студенти од другите универзитети со кои споделивме нови знаења и идеи.

Наталија Терзиева, студентка во втора година на ТТФ

Учествувајќи во обуката за користење на Fashion Snoops платформатa пред мене се отвори вратата кон светот на модата и трендовите. Платформата обезбедува детални анализи на модните влијанија, предвидувања на иднината и креативни инспирации. Обуката вклучуваше и воведување во CAD/CAM технологијата, што е од суштинска важност за оптимизација на производствените процеси и управување со материјалите.

Воедно, имавме можност да го посетиме грчкиот бренд „Kostantinostsigaros". Главниот менаџер сподели со нас важна мудрост - постојаното учење е клуч за успех. Новата колекцијата, во ахроматски бои беше вистинско уметничко дело.

Ова искуство ги прошири нашите хоризонти и ни обезбеди алатки за создавање успешна колекција.

Јована Блажева, студентка во прва година на ТТФ

Посетата на Солун беше незаборавна авантура. Научив многу, со тоа што добив многу повеќе идеи и мотивација да продолжам со мојата желба за креирање на нешто ново.

Joomla Gallery makes it better. Balbooa.com