Недела, Декември 22 2024
Следете нè

Штипјанката Бисера Кафтанова: Како ја изгубив работата и не можев да им се посветам на моите две деца

За време на пандемијата, иако со две малолетни деца, не успеав да си го остварам  правото за минимална плата и да бидам дома со најмилите, вака ја почнува својата несреќна приказна мајката Бисера Кафтанова од Штип, која останала без работа за време на актуелната Ковид пандемија. Објаснува дека маневарот на текстилната фабрика во која работела ја чинел скапо: да остане без ангажман.

- Фабриката во која работев за време на пандемијата одлучи да го промени името. Потоа работниците од вработени на неопределено време, требаше да потпишат договор за еден месец во новоименуваната фирма. Откако одбив да потпишам таков договор, добив решение за принуден одмор со образложение дека ќе добивам 70% од плата. Но, тоа не се случи - вели Кафтанова.

Ѝ било јасно дека нема да успее ако не продолжи да ја бара правдата, па организирала мирен протест пред фабриката. Но ништо не се променило.

- Постапката за повреда на работничките права, за правдата да излезе на виделина е сѐ уште во  тек - додава Кафтанова.

Веднаш побарала помош и поддршка од Невладината организација „Гласен  текстилец“.

 - Добив голема поддршка, правна помош, а се обратив и до Државен инспекторат за труд во Штип. Добив понуда да бидaм дел од тимот на „Гласен текстилец“. На овој начин јас, со својот ентузијазам и активизам, ќе можам да им помогнам на обесправените да си ги остварат своите работнички права - смета Кафтанова, која има завршено Факултет за бизнис администрација.

„ГЛАСЕН ТЕКСТИЛЕЦ“: СЛУШНАВМЕ МНОГУ ТАЖНИ СЛУЧКИ И СИТУАЦИИ

Таа е една од ретките жени кои успеваат да се снајдат по ваквите случки. Огромен е бројот на работнички кои по крахот на фирмите каде што работеле или откако биле избркани од работа не можат да најдат вработување.

Кристина Ампева, претседател на „Гласен текстилец“

Претседателката на ,,Гласен текстилец”, Кристина Ампева, нагласува дека со почетокот на пандемијата се соочиле со многу тажни и тешки ситуации поради масовни отпуштања од работа.

- Од март 2020 година се трудевме да бидеме максимално ангажирани на терен, со цел да имаме помалку штети од социо-економската и здравствената криза. Правевме соодветни дописи, апели, реакции до надлежните министерства и до Владата. Нашето искуство и укажување не беа сфатени сериозно, поради што се случија кластери на заразени вработени, преку организираниот превоз за кои укажавме на време. Повторно на удар беа жените, самохраните родители, хронично болните и бремените жени. Тие се соочија со сомнителни спогодбени откази, раскинување на договори за работа, неисплатени или намалени плати и закани да не користат мерки со кои беа ослободени од работа за чување на нивните деца или поради здравствената состојба - раскажува разочарано Ампева.

Но, тврди дека имаат добра соработка и координација со Министерството за труд и социјална политика. Сепак, додава дека „власта се менува, но тие ќе останат доследни на нивната идеја и борба за заштита на работничките права“.

ЗНАЕ ЛИ ВЛАДАТА КОЛКУ ТОЧНО РАБОТНИЦИ ОСТАНАА БЕЗ РАБОТА ВО КОВИД-КРИЗАТА?

Се обративме електронски и до Владата. Побаравме одговор од портпаролот Мухамед Хоџа на прашањата: Колку гласот на народот, особено текстилците, допира до Владата, конкретно преку организации како „Гласен текстилец“?  Имаат ли точна бројка на работници кои останаа без работа за време на пандемијата и колку фирми се неактивни како резултат на Ковид кризата? Одговори не добивме.

Со оглед на фактот дека Владата одобри неколку пакет-мерки за помош на граѓаните и претпријатијата во изминатите две години, побаравме одговори и од Министерството за труд и социјална политика. Меѓу мерките за помош услов беше претпријатијата да не отпуштаат работници. Но колку ова се почитуваше, го прашавме Министерството: Дали уредбите на Владата се недоречени, така што работодавците можат да ги изиграат овие уредби? Каква стратегија има Владата за надминување на таа состојба? Дали работниците пријавуваат повреда на работничките права до Државниот инспекторат за труд? И од оваа институција одговор нема.

Следната адреса беше штипската Подрачна единица на Државниот инспекторат за труд. За разлика од другите институции, беа транспарентни. Во кусиот разговор со инспекторот Тоше Дамјански, тој  констатираше дека имало „повреда на  работнички права, но и оти дел од фабриките работеле со намален капацитет или затвориле“. 

- Доколку откриеме неправилности, согласно со законот, носиме решение за отстранување на неправилностите, со давање рок. Ако правното лице не постапи по издаденото решение се започнува со постапка за порамнување или барање за поведување на прекршочна постапка - објаснува Дамјански.

ЦР: БРОЈОТ НА ЗГАСНАТИ ФИРМИ ВО КОВИД-КРИЗАТА Е ВО РАМКИТЕ НА ПРОСЕКОТ

Од Централниот регистар информираат дека и покрај тоа што Ковид кризата предизвика тешкотии во работењето на компаниите, сепак нивните официјални податоци покажуваат дека бројот на згаснати и новоосновани правни субјекти се движел „во рамките на просекот“. Наспроти ова, сепак, од таму велат дека се импресионирани од храброста и претприемачкиот дух на македонските бизнисмени – дури и во време на пандемија.

Според информациите во медиумите, околу 60 илјади работници останаа без работа. За ова алармираа синдикатите и невладините организации. Официјални бројки, од надлежните институции, нема.