Недела, Декември 22 2024
Следете нè

ГОВОР НА ОМРАЗА НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ

Говор на омраза е секој говор, гестикулација, однесување или пишан текст коишто можат да поттикнат насилство, да деградираат или заплашат одреден поединец или група. Во меѓународниот пакт за граѓански и политички права /ICCPR/ е наведено дека секој напор за застапување на национална, расна или религиозна омраза треба да биде забрането со закон.

Меѓународната правна регулација се темели на Конвенцијата за сајбер криминал од 2001 година, врз чија основа во 2003 година е донесен  посебен протокол. Според протоколот , говорот на омраза на социјалните мрежи е расистичка и ксенофобична закана и навреда преку компјутерски систем.

Македонската регулаторна рамка за ,,говор на омраза” се содржи во:

  • Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги,
  • Кривичниот законик и
  • Законот за спречување и заштита за спречување и заштита од дискриминација.

Говор на омраза претставува форма на изразување со којашто се поттикнува расна омраза, ксенофобија, антисемитизам и други форми на омраза кои се засновани на нетолеранција.

Кога станува збор за говор на омраза на социјалните мрежи можеме да потенцираме дека постојат неколку категории.

  1. ГОВОР НА ОМРАЗА НА РЕЛИГИСКА ОСНОВА

 Овој тип на говор на омраза во Македонија е присутен подолго време и често пати добива расна или национална димензија.

Многу често на спортски натпревари или настани, со пренесување на информации на медиумите, може да се поттикне говор на омраза на социјалните мрежи и лавина од коментари од страна на граѓаните, коишто подоцна може да се искористат за политички цели.

На пример, некоја иницијатива за градење на религиски објект може да биде иницијална каписла за инциденти и за ширење говор на омраза.

  1. ГОВОР НА ОМРАЗА НА ЕТНОНАЦИОНАЛНА И РАСНА ОСНОВА

Овој тип на говор на омраза е раширен во поширокиот регион на Балканот. Пример за ова е распадот на еднопартискиот систем во 90-тите години од 20 век, кога се зајакнува  балканскиот национализам. Со овој тип на говор на омраза се промовираат големодржавнички идеи, а се омаловажуваат националните симболи на друг етнос или национална група.

1

Антисемитските напади се пример за говор на омраза за да се обвинат Евреите за ,,лошо  одвивање на работите во целиот свет“. Тоа го изразуваат преку говор, преку пишување, преку слики и дела, при што користат стереотипи, како и негативни карактерни особини на Евреите.

На 26 мај 2016 година на пленарна седница во Букурешт е решено да се усвои следната правна необврзувачка работна дефиниција за антисемитизам на ИХРА, која гласи: ,,Антисемитизам е одредена перцепција кон Евреите, којашто може да се изрази како омраза кон Евреите, кон нивниот имот, кон институциите на еврејската заедница и верските објекти“.

Оваа  нетрпеливост може да се забележи со многу негативни коментари на интернет и  Facebook, а често пати и на YouTube. Се објавуваат аудио и видео компилации, снимки, документарни филмови со националистичка или родољубива содржина, што силно влијае за ширење на говор на омраза на национална основа.

Многу културни и спортски настани често пати се користат за ширење говор на омраза. Во нашата земја најчест е случајот помеѓу македонската и албанската етничка заедница, но и против српската, бугарската, српската и грчката националност.

Примери за тоа се паролите:

  • ,,Смрт за каури“,
  • ,,Мртов Шиптар, добар Шиптар“,
  • ,,За Шиптари, гасна комора“.

Познат е примерот за претставници на ромската заедница во Општина Битола кои биле загрижени за нацртаните кукасти крстови и испишани графити ,,Смрт за Ѓупци” и ,,Умрете Ѓупци” на ѕидовите на ОУ ,,Ѓорѓи Сугарев” во Битола. Овие графити упатуваат на  повик за насилство кон ромската етничка заедница што претставува говор на омраза, што е кривично дело согласно со Кривичниот законик на РСМ.

Секако дека ваквата состојба е загрижувачка поради што е потребно да се преземаат превентивни мерки како:

  • Да се апелира до основните училишта да отстрануваат графити што претставуваат повод за ширење говор на омраза и на социјалните мрежи;
  • Да се зајакне надзорот околу училиштата;
  • Надлежните државни институции, МВР и Јавното обвинителство да преземаат итни и неодложни мерки против говор на омраза.

2

  1. ГОВОР НА ОМРАЗА ВРЗ ОСНОВА НА ПОЛИТИЧКА ПРИПАДНОСТ

Овој вид говор на омраза е присутен на порталите, каде што се пласираат дневни информации, вести и анализи. Често пати овој говор на омраза има верска, етничка и расна основа.

Навредите се од типот ,,предавници“ и ,,патриоти“, коишто имаат тенденција да се прошират и на поширокото граѓанство на РСМ.

Иако индивидуалната навреда не претставува говор на омраза, со фактот што упатува на колективитет / се мисли на политичка партија /, може да се класифицира  како говор на омраза.

  1. ГОВОР НА ОМРАЗА ВО ОДНОС НА ПРОФЕСИОНАЛНА ОРИЕНТАЦИЈА

Пример за говор на омраза кон полицијата / споделување на фотографии со навредлива содржина во однос на полициските службеници, а во насока на дехуманизација и појава на насилство.

Исто така, постои говор на омраза на социјалните мрежи насочени кон новинарската  професија, кон новинарски куќи или лична дискредитации на одредени новинари.

Невладиниот сектор, исто така, не е поштеден од говор на омраза.

  1. ГОВОР НА ОМРАЗА ВРЗ ОСНОВА НА СЕКСУАЛНА ОРИЕНТАЦИЈА

Најчесто станува збор за говор на омраза на социјалните мрежи во однос на ЛГБТ заедницата. Toa e иницијализам што се залага за лезбијки, геј, бисексуалци и трансродови, којшто е во употреба од 90-тите години на 20 век. ЛГБТ фондацијата е национална добротворна организација којашто дава совети, поддршка и информативни услуги на ЛГБТ заедницата.

Тие организираат паради на гордоста коишто често поминуваат со говор на омраза на социјалните мрежи. Луѓето тргнуваат од фактот дека ЛГБТ заедницата го загрозува традиционалното семејство, се намалува наталитетот, а со тоа се уништува општеството.

Во Македонија ЛГБТ заедницата е маргинализирана група и го немаат правото за формирање брак, ниту правото за формирање свое семејство преку посвојување деца. Трансродовите лица немаат право за признавање на родот. Тие се често пати отфрлени од своите семејства, социјално се изолирани и се мета на говор на омраза и дискриминација на работните места.

Познат е примерот за говор на омраза на Facebook, каде што директно беше навредуван нашиот претставник на Евровизија Васил Гарванлиев во врска со неговиот изглед, облека, националност и сексуална ориентација.

3

  1. ГОВОР НА ОМРАЗА КОН МИГРАНТСКИ ЗАЕДНИЦИ

Овој тип на говор на омраза е карактеристичен за западноевропските земји, каде што со децении наназад се присутни мигрантските заедници.

Ксенофобијата, страв и недоверба кон странци, кон нивните вредности, обичаи и навики, се појавува за  време на Бегалската криза од 90-тите години на минатиот век, со распаѓањето на СФРЈ и Бегалската криза со која се соочуваше РМ во 2015 и 2016 година, кога стотици илјади луѓе дошле од различни краишта на светот.

Пример за зголемена ксенофобија со говор на омраза е кога група еврејски верници во февруари 2022 г. се населиле во Зелен Рид во Куманово. По спроведените истражувања, Хелсиншкиот комитет донел заклучок дека во нашата земја има пораст на ксенофобија. Застрашувачки е фактот дека младите поттикнуваат говор на омраза, а нивните ставови не се базирани врз докази.

ВЛИЈАНИЕТО НА СТЕРЕОТИПИТЕ ЗА ПОЈАВА НА ДИСКРИМИНАЦИЈА, ГОВОР НА ОМРАЗА И КРИМИНАЛ ОД ОМРАЗА

Стереотипите и предрасудите имаат големо влијание за појава на дискриминација, говор на омраза и криминал од омраза.

  • Од страна на УГД - Штип и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, во 2015 година е спроведено истражување под наслов ,,Влијанието на стереотипите за појава на дискриминација, говор на омраза и криминал од омраза“.
  • Според добиените резултати, ,,политичката припадност” била најзначајна за појавата на говор на омраза, а потоа следуваат ,,сексуалната ориентација“ и ,,етничката и религиската припадност“. Понизок индекс на препознавање на говор на омраза е врз основа на пол и возраст.

4

ПРЕПОРАКИ

Поради појава на говор на омраза на социјалните мрежи потребно е да се почитуваат  следниве препораки:

  • да се зголеми мониторингот над социјалните мрежи;
  • да се стимулира саморегулацијата;
  • да се обезбеди нормативна регулација на социјалните мрежи за да не дојде до ограничување на слобода на говорот;
  • да се обезбеди меѓународна соработка за превенција на говорот на омраза, особено на платформите, како што е YouTube;
  • да се подигне целокупната општествена свест по прашањето за говор на омраза по различни основи.

БОЖИДАР ДОНЕВСКИ

ПРАВЕН ФАКУЛТЕТ, УГД - ШТИП

МЕДИУМСКИ СТУДИИ И ОДНОСИ СО ЈАВНОСТ