Четврток, Ноември 21 2024
Следете нè

Како воената инвазија во Украина ја „задуши“ ковид пандемијата?

Пишува: Драган Николов, студент во втора година на Медиуми и комуникации, Правен факултет, Универзитет „Гоце Делчев“

Како со почетокот на воената инвазија во Украина престана ковид-паниката и заборавивме на пандемијата? Ковид мерките апсолутно олабавени, рестрикции речиси и да нема. Дали војната во Украина ја уби ковид пандемијата и што значи тоа? Навистина ли бројките нагло паднаа и вирусот попушти или само интересите заменија страни? Комплексни прашања, но не и нелогични, се сложуваат сите наши соговорници.

Докторот по општа медицина Симон Манасиев смета дека не е крај на пандемијата, само е намалена фреквенцијата и силата на вирусот. Тој не гледа поврзаност меѓу овие две големи светски промени, само вели вниманието сега е кон Русија и Украина.

Симон Манасиев

  • Во прашањето има две независни варијабли. Едната е ,,крајот на пандемијата“, а другата е економската и енергетската криза односно ,,инвазијата во Украина“. Според мене, нема и не може да има логичка поврзаност и меѓузависност помеѓу двете варијабли. Односно која било пандемија може да постои или да не постои во конкретен момент независно од фактот на постоење/непостоење на економска или енергетска криза, односно инвазија на една кон друга држава. Секако дека економски и воени катастрофи можат да бидат причина плус за започнување (или продлабочување) на големи здравствени катастрофи, но тоа не е апликативно во случајот зашто пандемијата постоеше и пред воената инвазија на Русија во Украина. Влијанието на медиумите може да ја креира сликата за продолжување/престанок на пандемијата, заради тоа што вниманието сега е пред сѐ врз кризата во Украина. Да сублимирам наједноставно, војната не може да ја заврши пандемијата, но медиумите ја имаат моќта „да ја завршат“ пандемијата заради давање на проиoритет и публицитет на војната наместо пандемијата - смета Манасиев.

Светските закани си ги сменија местата

Универзитетскиот професор и познавач на меѓународното право Дејан Маролов вели дека заканите за луѓето си ги променија местата. Ако претходно ковид-пандемијата претставуваше закана и беше во центарот на вниманието, сега тоа е инвазијата во Украина.

  • Прашањето е сложено и претпоставува јасно поставена позиција на почетокот. Ако тргнеме од ставот дека пандемијата беше пренагласена како закана за луѓето/болести... последици... смрт, тогаш следната криза го зазема местото на закана. Ако пандемијата го изгуби местото на закана... следни се други кризи... Руско-украинската војна ги поттикна економската и енергетската криза. Практично малку се мисли на последиците од пандемијата, на сцена стапува нова посериозна и поопасна криза. Се живее во страв - нагласува Маролов.

(Меѓунаслов 2): Ќе можеме ли да си го вратиме животот како пред кризите?

Социолозите го анализираат, пак, општествениот амбиент што го донесоа и двете кризи. Професор Илија Ацески вели дека кризите и поскапувањата на сите производи, горивата и сѐ останато е нешто што секој поединец различно го толкува. Прашањето е дали ќе можеме воопшто да се вратиме на животот како пред пандемиската криза, пред војната, пред енергетската криза?

 

Илија Ацески

  • Откако започна војната луѓето во Македонија масовно ги празнеа маркетите, како што во почетокот беше ковид-пандемијата. Сведоци бевме кога на социјалните мрежи беа поставувани фотографии од празните рафтови во маркетите. Сега криза е со маслото за јадење, маслото го нема, а неговата цена од 60 денари сега во маркетите се продава по цена од над 150 денари. Луѓето масовно го купуваат маслото за јадење, а додека пак ставот на надлежните беше дека имаме доволно резерви. Потоа беа донесени сет мерки за ублажување на инфлацијата. Тие мерки беа: лебот, маслото, месото, јајцата и други основни производи ќе се продаваат без ДДВ, а ќе се намалат и акцизите за горивата. Според надлежните, оваа економска криза е најголемата криза од којашто е зафатена и нашата држава. Дали ќе се врати животот како пред пандемијата и дали ќе бидеме економски стабилни се доминанти прашања на секој поединец. Надлежните уверуваат дека целокупната ситуација е стабилна, но дали тоа навистина е така? Сѐ уште никој не знае да каже. Заклучокот, според мене, е дека сѐ што има свој почеток има и свој крај, како за ковид-пандемијата, така и за воената инвазија помеѓу Русија и Украина - анализира Ацески.

Од воената инвазија во Украина поминаа неколку месеци во кои светот се сврте кон тамошните случувања и настани кои станаа секојдневие, особено затоа што рефлексијата ја живееме и ние. Речиси идентично како во март 2020 година, кога започна ковид-пандемијата за која не можеше ниту да се претпостави дека ќе биде со толкав замав и ќе трае толку долго. Дали кризите ќе завршат или пак некоја трета ќе ја задуши и втората?