Недела, Декември 22 2024
Следете нè

УГД одбележува 16 години – свечености од 27 март до 2 април

Со серија од настани, кои започнуваат на 27 март - денот на основањето на Универзитетот „Гоце Делчев“, ќе биде одбележана 16-годишнината од почетокот на успешната приказна на УГД.

Програмата започнува со Свечена академија, која ќе се одржи во Мултимедијалниот центар на УГД, на 27 март (понеделник) во 12 часот.

На Свечената академија, како мотивација за идни успеси, ќе бидат наградени 18 студенти со најдобар успех, дипломирани во 2022 година, со свечена пофалница и вредносен ваучер од 10.000 денари.

Воедно, ќе им бидат доделени благодарници на истакнати институции во општеството, за поддршката и соработката која ја градиме, со цел квалитетно образование и работење на УГД, како и на пензионираните вработени на УГД.

Наредниот ден, 28 март (вторник), во новиот Тренинг центар на УГД (поранешен Универзитетски ресторан), со почеток во 11 часот се поместени повеќе мултимедијални содржини. Најпрво свечено ќе биде отворена Правната клиника на Правниот факултет на УГД, по што следуваат останатите содржини. Изложби и презентации на Ликовната академија и Технолошко-техничкиот факултет, презентација на електронски туристички тури на Факултет за туризам и бизнис логистика, видеоприказни на Земјоделскиот факултет и Факултетот за образовни науки, како и настап на Џез одделот на Музичката академија.

Промоцијата на доктори на науки на УГД, исто така, ќе биде дел од одбележувањата, а ќе се одржи во среда, 29 март, во 10 часот во свечената сала на Ректоратот на УГД.

Единаесеттото издание на Ораторските вечери, кои ги организира Правниот факултет, како дел од свеченостите за 16-годишнината на УГД ќе се одржи во Мултимедијалниот центар на УГД. Терминот е четврток, 30 март, во 19 часот.

Неделата на свечености на УГД ќе биде заокружена со Планинарска тура, која ја организира Спортскиот и рекреативен центар на УГД, во соработка со Планинарското друштво „Лисец“ и Планинарското друштво од Кавадарци. Во недела, 2 април, ќе се реализира Планинарска тура од Одморалиштето „Михајлово“ - Кавадарци до Планинарскиот дом „Голубец“.

Преку ваквото одбележување и прославување на патрониот празник, а во знак на 16 години - постоење на УГД, се става акцент на прашањето: „Што треба да значи еден универзитет за општеството во кое делува?“.

Универзитетите се суштински за развојот на општеството. Како јавни институции имаат за цел не само да ги подготват студентите за кариерата која ќе ја изберат, туку, пред сè, да ги образуваат како граѓани со широк светоглед и знаења, подготвени да го градат идниот свет.

УГД е универзитет кој во своето 16-годишно постоење се стреми кон воведување и развој на нови технологии, учество во научноистражувачките текови на светско ниво, креирање иновации, пренос на знаење на студентите и грижа за вработените.

Младите кои во текот на овој временски период ни ја подарија својата доверба и станаа наши студенти се стекнаа со знаење и вештини кои им овозможуваат да бидат успешни во својата кариера, да креираат нови бизниси, да ги лекуваат болните, да произведуваат здрава храна, да го пренесуваат македонскиот јазик на идните генерации, да учителствуваат, да го менуваат општеството и да го унапредат животот на луѓето во него.

УГД своите 16 години ги слави со слоганот: „Избери мудро, делувај храбро!“