Четврток, Ноември 21 2024
Следете нè

Инфо сесија за Еразмус + програмата за мобилност на студенти

Центарот за меѓународна соработка на УГД и Одделението за Еразмус размена организираа промоција на Еразмус плус програмата за студентите. Овој настан се организира по повод отворениот Конкурс за Еразмус + мобилности. На информативната сесија на студентите им беа претставени можностите кои ги нуди оваа програма, како и начинот на кој можат да конкурираат.
Пред заинтересираните студенти свои презентации имаа студенти кои веќе престојувале на студентска размена преку Еразмус плус програмата. Александар Веселинов и Кристијан Живков, студенти во завршна година од Факултетот за медицински науки, говореа за своите искуства од престојот во Осиек, Хрватска.

- Главно, секогаш луѓето прашуваат кои се позитивните, а кои негативните искуства. Јас навистина не би се задржувал на негативни искуства, затоа што речиси и да нема такви. Ова е едно доста позитивно искуство, кое ни овозможува многу добро усовршување, едукација, и сѐ она што сме го стекнале во текот на нашите студии да можеме да го примениме, да се осамостоиме, да се почувствуваме посамостојни за нашата идна работа како идни лекари – вели Кристијан Живков.
За Александар Веселинов престојот во Осиек е корисен за стекнување на многу вештини и компетенции кои можат да се искористат во идниот личен развој


- Бев на едукација, односно на една професионална надградба во областа на медицината, што всушност овозможува понатаму сите нешта кои ги научивме таму да ги донесеме овде и да имаме можност ние како поквалификуван кадар да имаме професионална успешност во градењето на нашата кариера. Ги охрабрувам сите студенти да се вклучат во Еразмус плус програмата, тоа е можност за лична сатисфакција им доживување на голем број лични и професионални приказни во однос на тоа дека ќе можат во иднина да бидат една поизградена личности и да здобијат и поголеми компетенции.


На настанот беше организирана средба и со странските студенти кои престојуваат на УГД, за нивна средба со студенти од УГД кои престојувале на Еразмус размена во странство, но и запознавање со можностите кои ги нуди престојот на УГД, во Штип и во Македонија.