Како резултат на соработката со Универзитетот во Луцерн (HSLU – Hochschule Luzern), Швајцарија, девет македонски стартап компании од Штип и од регионот низ процес на селекција добија бесплатна можност за менторска поддршка од професори и магистранди од Швајцарија, за доразвивање на нивните бизнис-идеи, изработка на бизнис-планови и подобрување на иновативноста на нивните производи.
Како дел од овој процес, на Универзитетот „Гоце Делчев“ се одржа настан „Tailored Booster Week for Startups and SMEs” во организација на Факултетот за информатика при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип и Универзитетот во Луцерн, Швајцарија.
„Ова е настан во рамките на кој девет наш, македонски компании од Источниот регион ќе добијат бесплатна менторска поддршка од експерти-студенти и вработени од Швајцарија. Тие ќе им помогнат да изградат солидни бизнис-планови, да ги подобрат своите технолошки процеси, да овозможат подобрување на нивните капацитети за претставување на странски пазари и да ги подобрат своите производи. Мислам дека тоа е од голем бенефит не само за компаниите, туку и за стартап заедницата и за претприемачите од целиот Источен регион“, изјави проф. д-р Сашо Коцески, декан на Факултетот за информатика при УГД.
На настанот присуствуваше и градоначалникот на Штип, г. Иван Јорданов, кој рече дека за Штип како град овој настан значи многу од аспект на генерирање на развој во иднина:
„Можноста што се нуди преку присуството на студенти и професори од Швајцарија кои ќе им го пренесат своето знаење на нашите домашни иноватори, млади луѓе кои ќе го искористат ова знаење за отворање на стартап компании ќе значи и развој на градот. Како општина даваме целосна поддршка за развој на стартап компаниите, затоа што дефинитивно тоа е иднината на нашиот град и на нашата држава“, рече Јорданов.
Професорот Рене Зелер од Универзитетот во Луцерн потенцираше дека до соработката дошло по препорака од колегите од УКИМ, со кои имале соработка во 2019 г. и кои го препорачале и УГД.
„Уште минатата година, во ноември, започнавме со првичното планирање. Од јануари ги поставивме целите за оваа соработка, а од март нашите студенти и професори веќе работат интензивно со девет стартапи од регионот. Драго ми е што во текот на оваа недела имаме можност лично да се запознаеме со компаниите, имајќи предвид дека студентите се веќе навлезени во нивната работа. До крајот на неделата очекуваме да бидеме во можност да ги презентираме резултатите и да ги испланираме идните чекори“, изјави проф. Рене Зелер.
Ова е прва соработка од ваков тип на УГД со Универзитетот во Луцерн, нагласи ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски:
„Сметам дека ова е начинот како можеме да ги поддржиме компаниите во реалност и како можеме сите заедно – и нашите студенти и професори заедно со поискусните универзитети во Европа да направиме средина во којашто компаниите ќе напредуваат и целокупното опкружување од бизнис-сферата ќе се развива поинтензивно во корист на целото наше општество“.
„Ова е начинот како Швајцарија ја гледа соработката и како треба да изгледа универзитетското образование во иднина – со многу поголема соработка помеѓу универзитетите и приватниот сектор, но и со трансфер на знаења“, смета амбасадорката на Швајцарија во РСМ, н. е. Вероник Улман. „Ова е навистина несекојдневна иницијатива, каде што повеќе од 40 постдипломци од Швајцарија ќе соработуваат со стартапи од Штип. Ова е, исто така, еден несекојдневен настан на кој УГД има воспоставено соработка со Универзитетот во Луцерн. Настанот е потврда за начинот на кој Швајцарија сака да соработува и кој го промовира тоа поврзување на институциите и трансфер на знаења помеѓу двете земји. Се надеваме дека овој настан со тоа што ќе покаже дека соработката меѓу универзитетите и приватниот сектор е навистина исклучително важна, ќе биде на некој начин иницијатор или ќе изврши влијание и ќе покаже како универзитетското образование ќе изгледа во РСМ. Тоа, пред сѐ, би значело многу поголема соработка помеѓу универзитетите и приватниот сектор“.