Среда, Декември 4 2024
Следете нè

Филолошки факултет го одбележа 5 мај - Денот на македонскиот јазик

Во чест на Денот на македонскиот јазик, 5 мај, Филолошкиот факултет на УГД организираше одбележување, на кое беа доделени и наградите од Конкурсот за есеј за учениците од средните училишта.

„Јазикот, народот и татковината се едно цело коешто не може да се раздели“ - беше основниот мотив на овој настан кој го организираа Филолошкиот факултет во Штип и Катедрата за македонски јазик и книжевност. Деканката на Филолошкиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“  - Штип, Драгана Кузмановска, вели дека на објавениот Конкурс добиле над 170 творби, а Комисијата имала тешка задача да ги одбере четирите најдобри. Посочи дека наградата за најдобрите средношколци е плаќање на партиципација во првата година на студирање на кој било од факултетите.

- Конкурсот се состоеше од пишување есеј на нашиот македонски јазик, но и на другите странски јазици коишто се изучуваат на Филолошкиот факултет. Ние како наставници сме навистина пријатно изненадени од огромниот интерес на средношколците, затоа што бројката оваа година надмина 170 пријавени - вели деканката Кузмановска.

Според професорката и раководителка на Катедрата по македонски јазик и книжевност, Ана Витанова-Рингачева, денешниот ден е голем празник. Освен што говориме за јазикот, нашата задача е да ги поттикнеме учениците да пишуваат, за што доказ е и овој литературен конкурс, додава таа.

- Ние како професори имаме мисија да ги мотивираме уште од основно и средно училиште да почнат да пишуваат за веќе кога ќе дојдат до таа зрела возраст да сакаат да студираат на Филолошкиот факултет, на Катедрата за македонски јазик и книжевност, но да ги изучуваат и странските јазици. Основата за да се изучуваат странските јазици, нормално, е македонскиот јазик. Ова е и еден начин да покажеме дека ние како Катедра и како Факултет се грижиме за нашиот јазик, меѓутоа ние постојано организираме настани во кои го апострофираме творештвото на нашите автори, но даваме простор и на идни млади автори да пишуваат на нашиот македонски јазик - вели Витанова-Рингачева.

Наградените ученици се:

  • Сандра Ѓоргиева, СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани;
  • Елеонора Скендерска, СОУ „Јане Сандански“ – Штип;
  • Анастасија Младеновска, СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ – Куманово;
  • Слободан Деловски, СОУ „Јане Сандански“ – Струмица.

Покрај пригодните награди, овие ученици добиваат и ваучер кој можат да го искористат при запишување на  кој било факултет на Универзитет „Гоце Делчев“.

Инаку, Катедрата за македонски јазик и книжевност бележи пораст на бројот на студенти, вели деканката. Освен ваквите конкурси, ослободувањето од партиципација на сите запишани студенти на оваа Катедра е уште една од причините за повеќе студенти. Македонскиот јазик на сите студиски програми на Филолошкиот факултет е ставен како задолжителен предмет, а на другите Факултети е изборен предмет.

Joomla Gallery makes it better. Balbooa.com