Петок, Декември 20 2024
Следете нè

Александар Наневски, Македонец од Луксембург, нов студент на ФОН

Александар Наневски, 29-годишен Македонец кој од својата шеста година живее во Луксембург, е еден од новите студенти кои од оваа есен ќе студира на Факултетот за образовни науки на Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип.

Студирањето на УГД за Александар ќе биде усовршување во областа во која е активен во Луксембург – воспитување на деца.

Како на еден млад човек кој почувствувал како е да се живее и работи во толку посакуваната Европа му дошло на ум да се запише на УГД?

- Јас често престојувам во Македонија. Имам фамилија и пријатели. Дел од моите пријатели студираа на УГД. Тоа ми даде идеја да ја посетам веб-страницата на УГД. Видов дека на Факултетот за образовни науки има програма за предучилишна возраст. Наставната програма понудена на ФОН за мене беше интересна и корисна за да можам да ги продлабочам моите познавања за претшколските процеси во воспитувањето и образованието на децата во претшколска возраст. Па затоа ја поднесов мојата кандидатура – вели Александар.

        

Александар работи во „Foyer scolaire“ за градот Луксембург.

Foyer scolaire е дел од неформалниот образовен процес кој се однесува на деца на возраст од 3 до 12 години.

- Јас сум дел од екипата воспитувачи кои го организираат целодневниот престој на децата пред и по завршување на редовниот училиштен ден. Организираме активности и воспитни игри, помош во пишување на домашни задачи и помош при учење. Моментално работам како воспитувач во целодневна настава во склоп на основното училиште „Ценц- Луксембург“. Специфика на работењето со деца во Луксембург е многујазичноста. Во Луксембург имаме 3 официјални јазици (луксембуршки, германски, француски). Основен јазик за работа е луксембуршкиот, но во текот на денот ги користиме и францускиот, германскиот, англискиот, португалскиот, италијанскиот, затоа што имаме деца и колеги од повеќе говорни подрачја. Цел на целодневната настава која го опфаќа периодот пред одење на училиште и по завршување на часовите (се работи во период од 7.00 до 18.30 часот) е децата произлезени од различни култури и јазици да го продлабочат знаењето на луксембуршки јазик преку игра и воспитни активности, нивна интеграција (да се почитуваат и да се однесуваат одговорно кон себе и другите и да ја почитуваат околината…).

Александар со своето семејство на свои 6 години заминал во Луксембург. Таму го поминал тестот по математика што бил организиран од Министерството за образование за новопристигнати ученици и директно поминал во седми клас француска секција. Завршил Техничка гимназија, оддел Администрација и комерција. Во иднина смета дека студирањето на ФОН на УГД за него ќе значи не само збогатување на знаењата, туку и напредување во професијата.

- По завршувањето на гимназијата завршив неколку формации и обуки во сфеpата на образованието, како на пример психолошка поддршка на лица во депресија, поддршка на деца со хендикеп и аутизам, решавање на конфликти... Работев во работилница со деца со хендикеп и аутизам, работев исто со  социјално депримирани луѓе и луѓе кои се бездомници зависни од алкохол и тешки дроги. Пa продолжувањето на моето образование на УГД за мене ќе претставува едно збогатување на знаењето, а се надевам и напредок во мојата понатамошна професија - вели Александар Наневски.