ДЕМАНТ
на објава под наслов „Повеќе од 30 лекари од ‛Систина‛, ‛Жан Митрев клиник‛ и ‛Ремедика‛ незаконски предаваат на Медицинскиот факултет ‛Гоце Делчев‛ - Штип“ во весникот „Фокус“, објавена на 11.8.2023 година
Почитувани,
Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип ЦЕЛОСНО ГИ ДЕМАНТИРА непроверените и невистинити информации кои ги споделувате со јавноста во објавата под наслов „Повеќе од 30 лекари од ‛Систина‛, ‛Жан Митрев клиник‛ и ‛Ремедика‛ незаконски предаваат на Медицинскиот факултет ‛Гоце Делчев‛ – Штип“, во вашиот медиум „Фокус“, објавена на ден 11.8.2023 година, со која се доведува во заблуда целата јавност.
Именуваните лекари во објавата не се вработени на Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, туку врз основ на избор во насловни звања (насловен доцент, односно насловен вонреден професор) се ангажирани на Факултетот за медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип. Ова е во согласност со член 182 од Законот за високо образование (Сл. весник бр. 82/18) кој вели: „Афирмирани научници, уметници и стручњаци од практиката, кои ги исполнуваат условите за избор во звања, а за кои нема слободно место за избор во наставно-научно звање, можат да се избираат на универзитет во звањето насловен доцент и насловен вонреден професор, според условите и постапката утврдени со овој закон. Лицата избрани во насловни звања можат да учествуваат во вршењето на високообразовна дејност најмногу до 30% од редовните обврски на соодветното наставно-научно звање. Видот и обемот на учеството на лицето избрано во насловно звање во вршењето на високообразовната дејност го утврдува наставно-научниот совет на факултетот во согласност со општиот акт на Универзитетот“.
Согласно со цитираното Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип нема прекршено ниту една законска обврска, туку напротив во фер и транспарентни постапки, согласно со законските можности, ангажира истакнати и афирмирани стручњаци од соодветните области, сѐ со цел обезбедување на највисок квалитет на наставата на студентите по медицина како особено значајна гранка во општеството.
Сметаме дека со ваквите непроверени, неточни и тенденциозни објави од ваша страна директно вршите повреда на честа и угледот на институцијата - државен Универзитет „Гоце Делев“ – Штип.
Бараме објавување на нашиот демант.
Со почит,
Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип