Во организација на Факултетот за информатика при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип на 5.5.2023 година (петок) по седми пат се одржа семинарот „Денот на диференцијалните равенки“. Идејата и иницијативата за одржување на овој семинар потекнува од проф. д-р Боро Пиперевски од Факултетот за електротехника и информациски технологии, проф. д-р Борко Илиевски од Природно-математичкиот факултет и проф. д-р Лазо Димов од Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје (сите тројца во пензија) во чест на првиот доктор на математички науки, академик Благој Попов, кој докторската дисертација ја одбранил на 5.5.1952 година токму во областа на диференцијалните равенки.
Семинарот беше организиран и спроведен од страна на проф. д-р Билјана Златановска, проф. д-р Марија Митева и проф. д-р Лимонка Коцева-Лазарова. Семинарот го отвори деканот од Факултетот за информатика, проф. д-р Сашо Коцески.
На семинарот присуствуваа професори од Природно-математичкиот факултет и од Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, како и професори од Електротехничкиот факултет и од Факултетот за информатика при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.
Учесниците презентираа дел од своите научни истражувања поврзани со диференцијалните равенки. Посебен интерес и дебати предизвикаа презентациите за примена на диференцијалните равенки во различни научни полиња и нивната употреба за решавање на проблеми од секојдневниот живот. Се отворија повеќе дебати за употреба на современи информатички технологии во наставата и во науката поврзани со диференцијалните равенки. Во дискусиите и презентациите доминираа новитетите и модерните текови во современата математичка настава и наука од аспект на диференцијалните равенки.
Годинешниот семинар даде свој придонес во промоцијата и развивањето на оваа значајна апликативна математичка област и во нејзината примена за решавање на реални проблеми и појаснување на различни научни парадигми.
Joomla Gallery makes it better. Balbooa.com