Четврток, Ноември 21 2024
Следете нè

Деветто издание на конференцијата „Општествените промени во глобалниот свет“

Правниот факултет при УГД по 9. пат ја одржа Меѓународната научна конференција „Општествените промени во глобалниот свет.“

- По две години повторно ја одржуваме конференцијата со физичко присуство. Трудовите ќе бидат презентирани во рамките на пет панели, поделени на: правна сесија, сесија за политика, општество медиуми и комуникација, како и две мултидисциплинарни сесии на странски јазици и една сесија за млади истражувачи. Тоа овозможува млади магистранди и докторанди да учествуваат. Оваа година имаме учесници од Македонија, но и од Србија, Косово, Хрватска, Руската Федерација (тој панел ќе биде онлајн), а исто така и од Италија, Латвија и Обединетите Арапски Емирати... Иако оваа конференција е насловена „Општествените промени во глобалниот свет“, сепак фокусот е ставен на владеењето на правото, затоа како спикер учествува судијата Шопов, кој ќе говори за судството како правен гарант за владеењeто на правото, односно дали се потребни реформи. Како спикер ќе учествува и професорката Тереза Русо од Салерно, која ќе зборува за миграциските политики во ЕУ. Во однос на тематиката на конференција имаме повеќе трудови кои се однесуваат на различни области – кривично право, граѓанско право, трудово право итн. Се надевам дека тие трудови ќе го поттикнат законодавството за да се направат некои промени за постојните законски решенија кои предизвикуваат огромни празнини во практиката – изјави проф. д-р Милица Шутова.

Судијата Александар Шопов од Основниот суд во Велес изјави дека правото е динамична материја која се менува, согласно со општествените текови и владеењето на правото како такво е инспирација за тековни промени и реформи кои како држава треба да ги спроведуваме.

- Владеењето на правото е предизвик за секоја демократска држава, а судството е гарант за владеење на правото. Без ефикасно и независно и непристрасно судство не може да стане збор за владеење на правото. Токму затоа организирањето на конференции од ваков тип придонесува да се отворат актуелни прашања, да се погледне во очи на состојбите и да се дојде до одредени заклучоци коишто би значеле подобрување на состојбите. Македонското судство претрпе значајни реформи, се сеќавате во 2019 година кога и под будното око на Меѓународната заедница беа реформирани одредени закони кои го дизајнира судството во целина. Од таа гледна точка, веќе имаме постојни функционални механизми кои би требало да ги ставиме во функција, и ги ставаме како држава, а истовремено не треба да заборавиме дека реформи секогаш се потребни, затоа што, како што кажав, правото само по себе е жива и динамична, променлива материја. Сметам дека навистина како држава сме исправени пред предизвици кои мораме да ги совладуваме, меѓутоа, реформи ни се потребни и веќе сме во тие реформи во степен на дигитализација, модернизација на судството и како што кажав ставање во функција на оние реформирани законски решенија кои треба да се видат и во пракса. Тоа треба да послужи да ја зголемиме довербата на граѓаните и општеството во правосудниот систем – изјави Шопов.