Четврток, Ноември 21 2024
Следете нè

(Видео) Шинаси Деребеј: Дигиталниот речник е начин да се бориме за зачувување на македонскиот јазик

Авторот на Дигиталниот речник на македонскиот јазик, Шинаси Деребеј, денеска беше гостин на Универзитетот „Гоце Делчев“ каде беше договорена заедничка соработка и подобрување на Дигиталниот речник и на неговото одржување.

„Јазикот е жива материја, а Дигиталниот речник треба постојано да се унапредува. Не може ниту само ние ниту само УГД да го зачува македонскиот јазик. Во тоа треба да се вклучат сите институции и се надевам дека ќе се вклучат. Дигитализацијата е начин да се зачува јазикот. Јазикот не се чува со мавтање со знамиња. Тој се чува со работа на сите институции и тоа преку науката, литературата и уметноста“ – изјави на средбата авторот на Дигиталниот речник, Шинаси Деребеј.

Настанот е организиран од страна на Лабораторијата за дигитални ресурси и отворен пристап (ДРОП) при Факултетот за информатика. Раководителот на Лабораторијата проф. Д-р Зоран Здравев потсети дека соработката со Шинаси Деребеј и Дигиталниот речник на македонски јазик датира од 2012 година со работа на проектот за транслитерација на македонски јазик, а сега продолжуваме со активно дигитализирање на постари текстови и дополнување на речникот. За таа намена Шинаси Деребеј преку неговата компанија донираше специјален скенер.

На настанот беа присутни професори и студенти од Факултетот за информатика и од Филолошкиот факултет при УГД кои ја истакнаа заедничката заложба за одржување и унапредување на Речникот. Ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски, исто така, ја поздрави оваа соработка, а воедно му додели и Благодарница на Шинаси Деребеј за неговиот особен придонес во зачувувањето на македонскиот јазик.

„УГД преку Лабораторијата за дигитални ресурси и отворен пристап подолго време соработува на ова тема. Ние на нашите дигитални ресурси го хостираме Речникот и се надевам дека со заедничка соработка ќе успееме да овозможиме поголема употреба и збогатување на нашиот македонски јазик и во дигиталниот свет, бидејќи тоа навистина ќе биде важно во периодот кој претстои“ – изјави ректорот Мираковски.