Меморандум за соработка потпишаа Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип и Инцијативата „Донирај компјутер“. Меморандумот го потпишаа ректорот на Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип, проф. д-р Дејан Мираковски, и Борче Стаменов, творец на Иницијативата „Донирај компјутер“.
Ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски, посочи дека целта е студентите, но и инфраструктурата и опремата со кои располагаат да ги стават во функција на оваа иницијатива.
- Се надевам дека ќе помогнеме за уште повеќе донации, на вистинските места, а со оваа опрема мислам дека ќе биде бенефит и за нас, бидејќи нашите студенти ќе имаат простор каде што ќе можат да имаат општествено одговорна активност, истовремено да научат и за многу реални проблеми, како што е сервисирањето на таа опрема, вели Мираковски.
Борче Стаменов од „Донирај компјутер“ вели дека оваа соработка многу значи за нив, бидејќи веќе неколку години се обидуваат на секој начин да најдат компјутери за донации, како и соработници.
- Цела наша мисија е на еден начин да собереме уште повеќе донации, а другиот е да собереме и инспирираме што е можно повеќе млади луѓе да се вклучат во таа работа, да научат нешто. Пред сѐ нашата иницијатива е забавна, но во последно време даваме акцент и на едукативниот карактер - вели Стаменов.
Стаменов посочи дека студентите ќе се научат како да сервисираат информатичка технологија, но и ќе научат за хуманитарниот карактер на „Донирај компјутер“. Секој компјутер на којшто работат е искра надеж за некое дете во земјава.