Недела, Декември 22 2024
Следете нè

Филолошкиот факултет со гостинско предавање ја одбележа Неделата на италијанскиот јазик

Преку гостинско предавање од страна на проф. Рино Капуто, од Универзитетот „Тор Вергата“ во Рим, Италијa, се одбележа Неделата на италијанскиот јазик на УГД. Предавањето се одржа во Тренинг-центарот на УГД, а покрај професорот од Италија, присутни беа и голем број студенти од УГД, заменик-амбасадорот на Италија во Македонија, проректорката на УГД и голем број професори од Филолошкиот факултет при УГД.

- Темата на предавањето е врската помеѓу големиот италијански писател Итало Калвино и одржливоста. Одржливоста е тема насекаде во светот каде што се одржува оваа Недела на италијански јазик. Покрај тоа, оваа година се прославува 100 години од раѓањето на писателот Итало Калвино - вели професорот Рино Капуто.

Целиот настан беше во знак на големиот италијански автор Итало Калвино, кој е еден од најпреведуваните италијански автори во светот. Соработката меѓу УГД и голем број италијански универзитети е присутна и се зголемува сѐ повеќе. Амбасадата на Италија е вклучена во зголемување на соработката меѓу италијанските и македонските универзитети.

- Соработката меѓу УГД и амбасадата на Италија е подолго време доста активна. Амбасадата и министерството на Италија обрнуваат многу внимание на наставата на италијански јазик. Посветуваме внимание и на тоа да се изучува италијанскиот јазик и во основните училишта. Италијанските универзитети нудат многу стипендии и можности за студентите во Македонија - изјави заменик-амбасадорот на Италија во Северна Македонија, Марио Де Роса.
Проректорката на УГД, проф. д-р Ана Никодиновска-Крстевска истакна дека речиси сите факултети во рамките на Универзитетот имаат одлична соработка со италијански универзитети и дека таа соработка оди во полза на студентите и на процесот на едукација.

- Ние, практично, имаме чест да го слушнеме професорот Капуто кој ќе ни раскаже за делата на Итало Калвино. Промоцијата на италијанскиот јазик, култура и развивање на соработката е многу значајна затоа што живееме во свет на постојани врски и комуникација со Италија. Ги негуваме соработките преку проекти, учества во конференции и покани на професори на наши настани. Сето ова е во насока за поголемо зближување во тој европски единствен образовен простор, но и за побрз процес на европска интеграција - изјави проф. д-р Ана Никодиновска-Крстевска.


         Настанот се одржа во Тренинг-центарот на УГД, а сите учесници истакнаа дека соработката меѓу македонските и италијанските институции ќе се продлабочуваат во наредниот период.