Четврток, Декември 26 2024
Следете нè

УГД стана членка на Ректорскиот форум на Југоисточна Европа и Западен Балкан

УГД неодамна стана членка на Ректорскиот форум на Југоисточна Европа. По повеќегодишна соработка помеѓу Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип со Ректорскиот форум, како и по промената на Правилникот за работа на Форумот, според што се овозможи пристапување на нови членки во асоцијацијата, Генералното собрание на Ректорскиот форум на 5 септември 2023 г. ја прифати апликацијата за членство на Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, со што УГД стана полноправна членка.

Седмиот Ректорски форум на Југоисточна Европа и Западен Балкан се одржа неодамна во рамките на дводневна конференција во присуство на ректори и проректори од земјите членки. Повеќе од 70 учесници дискутираа за тековните предизвици во науката и во високото образование во Југоисточна Европа, опфаќајќи теми како што се образованието и политиките за наука, напредокот на високообразовните програми во регионот и напредокот во истражувањето и иновацијата. Во работата на Форумот, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип беше претставуван од проф. д-р Зденка Стојановска, проректорка за наука, проф. д-р Ана Никодиновска-Крстевска, проректорка за меѓународна соработка и проф. д-р Сашо Коцески, декан на Факултетот за информатика при УГД.

Асоцијацијата на Ректорскиот форум претставува иницијатива на соработка којашто произлезе од Берлинскиот процес, чија цел е промоција, ширење и подобрување на соработката и интеграцијата помеѓу универзитетите од Западно-балканските земји. Конкретно, Ректорскиот форум е посветен на промоција на европските политики во науката и високото образование, размена на добрите пракси, и зацврстување на соработката во заеднички проекти.

Во рамките на Форумот, исто така, беше усвоена Декларација на Ректорскиот форум на Југоисточна Европа и Западен Балкан, со што членките на Форумот се заложија за зацврстување и продлабочување на регионалната и меѓународна поврзаност, за поддршка на заеднички иницијативи и проекти, за подобрување на науката и на стандардите за квалитет во високото образование, како и за подобрување на академската мобилност во рамките на институциите дел од мрежата.

Joomla Gallery makes it better. Balbooa.com