Вторник, Декември 3 2024
Следете нè

(Видео) Ректор на УГД: Универзитетот е самоодржлива институција и има сигурна иднина

Во интервју за универзитетските медиуми ректорот на УГД проф. д-р Блажо Боев зборува за почетоците на Универзитетот, за основањето и за неговата визија за тоа каков универзитет замислувал и дали ги остварил своите визии. Ректорот истакнува дека во овие 15 години е создадена институција која е гордост на државата.  

15 години Универзитет „Гоце Делчев“ се поклопува со последните месеци од мандатот на актуелниот ректор. Проф. д-р Боев порачува дека неговиот наследник треба да продолжи да го гради Универзитетот на темелите на толеранцијата, науката и високите морални вредности.

„Немам резерва по прашањето дека треба поголема толеранција. Јас не зборувам за тоа дали треба да се извршуваат обврските. За мене тоа е излишно прашање. Јас со сопствениот пример го покажувам тоа дека треба. Со сопствениот пример сакам да покажам дека нема потреба да се дискутира за некои прашања. Ако сум успеал да создадам амбиент во кој не чувствувате присила, тогаш сум ја достигнал целта. Никогаш не е премногу толеранција. Ако некој се чувствува под притисок, таму нема креативност“, вели за својата менаџерска филозофија ректорот на УГД.

Во едно од своите последни интервјуа како ректор, проф. Боев истакна дека е задоволен од напредокот на институцијата и дека овој Универзитет има иднина. Единствено нешто што го истакна како своја визија е изградба на наставен центар, голем кампус од 40.000 метри квадратни кај Кампус 2.

„Остваривме идеи од кои треба да бидеме задоволни. Универзитетот го носи духот во себе за културна еманципација на македонскиот народ. Ја носи идејата за тоа дека сме посебни, дека знаеме кој сме и што сме, дека имаме сопствен јазик. Сето тоа е застапено во овој Универзитет. Имаме институции во рамките на Универзитетот кои значат продолжување на традициите. Успеавме да реализираме голема идеја и градот треба да биде горд на Универзитетот“, вели ректорот.  

Ректорот во интервјуто ја најави и дигиталната монографија која се подготвува за периодот од 2015 до 2022 во која ќе бидат поместени сите позначајни настани кои се случувале во тој период. Во интервјуто ректорот Боев ги спомена и неговите визии за тоа дека е потребен нов закон за универзитетите и поголема финансиска автономија на овие институции.

Целосното интервју погледнете го во продолжение.