Петок, Декември 20 2024
Следете нè

„Катедра Аденауер 2022: Безбедност, трговија и меѓународно право – можно влијание од руската агресија врз Украина“

„Катедра Аденауер 2022: Безбедност, трговија и меѓународно право – можно влијание од руската агресија врз Украина“ беше темата на дебатата што ја организираше Фондацијата „Конрад Аденауер“ во соработка со Центарот за европски студии Вилфрид Мартенс во Брисел, Институтот за општествени истражувања – МК91 во Скопје и Правниот факултет на Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип.

На дебатата експерти, претставници на академската заедница и студенти дискутираа на актуелни теми кои се однесуваат на влијанијата од руската инвазија на Украина врз меѓународната безбедност, улогата и моќта на меѓународното право, како и финансиско-економските трендови во Европа и во светот.

-Темата е руската агресија врз Украина и какво е нејзиното влијание врз меѓународното право, што инаку е навистина едно будење на Европа и на сите земји кои се поврзани на некој начин. Со тоа што Германија е поврзана со Русија со една интензивна соработка на економско ниво сметавме дека е доволна врска за да не настане воена агресија, но излезе дека сме грешка. Ова значи дека сега ние мораме повторно воено да се зајакнеме, но и како што германскиот амбасадор во РСМ рече „ова е и можност за поддршка и зацврстување на политиката за проширување и за безбедност на Западен Балкан“. Сите земји кои имаат аспирации да се приклучат кон ЕУ сега е моментот да изберат дали ги споделуваат истите вредности со ЕУ и дека Русија можеби не е пријател и споделува други вредности. Оваа геополитичка ситуација повторно покажа дека демократијата е всушност она што е важно, и дека е важна и за целата ЕУ и за Западен Балкан кој исто така го сметаме за еден дел кој треба да пристапи кон ЕУ и да ги дели истите вредности, што во случајов значи и јасна осуда на агресијата на Русија врз Украина. Ние како Фондација „Конрад Аденауер“ ги почитуваме тие вредности и ќе се стремиме кон што е можно побрзо приклучување на овој регион кон ЕУ – изјави Даниел Браун, директор на Фондацијата „Конрад Аденауер“.

На настанот учествуваше и Димитар Лилков, аналитичар од Центарот за европски студии „Вилфрид Мартенс“ во Брисел.

Оваа војна е јасен потсетник дека нема алтернатива на членството во НАТО. Јас сум од Бугарија и сум горд што Софија, Скопје, сите земји членки на НАТО се рамо до рамо да ги зајакнеме силите и да се осигураме дека оваа агресија што се случува нема да се повтори. Се надевам дека оваа ужасна војна е јасен сигнал за РСМ, за Бугарија и за Брисел, за нашите општества, и за јасната одлука што ја донесовме за приклучување кон НАТО, а се надевам и за членство на РС Македонија во ЕУ – изјави Лилков.

На отворањето на настанот се обратија и Иван Јорданов, градоначалник на Штип, Олга Кошевалиска, декан на Правниот факултет во Штип, како и излагачите на настанот Јован Андоновски, вонреден професор на УГД и Методи Хаџи Јанев, професор на Воена академија – Скопје и поранешен воен аташе во Вашингтон.

Покрај нив, како излагачи учествуваа и професорот на Правниот факултет на УГД, проф. д-р Дејан Маролов и Кирил Миновски, поранешен министер за финансии. Модератор на настанот беше проф. д-р Васко Наумовски, Претседател на Институтот за општествени истражувања – МК91.

Со свои прашања и коментари се вклучија и студенти од универзитетите „Гоце Делчев“ и „Св. Кирил и Методиј“, кои физички присуствуваа на настанот на Правниот факултет на УГД, како и студенти кои преку платформата Microsoft teams го следеа настанот. Излагачите на дебатата одговараа на навистина интересни прашања од студентите поврзани со актуелните случувања околу војната во Украина и нејзиното влијание на случувањата во светот, но и последиците кои може да ги очекуваат Македонија и регионот.

Joomla Gallery makes it better. Balbooa.com