Амбасадорот на Народна Република Кина во Скопје, Џанг Ѕуо, го посети Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. При посетата беше потпишан Договор за донација од страна на Кинеската амбасада за УГД.
- Најпрвин сакам да му изразам благодарноста на ректорот на овој универзитет за поканата. Чест е за мене да присуствувам во време кога се одбележуваат 15 години од овој универзитет, имавме пријателски размени на мислења со ректорот и двајцата проректори. Исто така го посетив и Кампусот на Универзитетот. Многу сум среќен што потпишавме и договор за донација. Во Кина секое дете има пристап до соодветно образование. За да имаме поотворено и квалитетно образование ние во Кина сме отворени за соработка и размена. Кина е подготвена да ја зголеми соработката и размената во образованието со земји од Југоисточна Европа, вклучувајќи ја и Северна Македонија. Досега имавме многу добра соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ и одржавме многу плодни активности. Минатата година имавме Фестивал на кинеската кујна, но и Семинар за кинеска философија - изјави амбасадорот Ѕуо.
Претходно амбасадорот и делегацијата присуствуваа на Кампус 2 да направат увид во донираната опрема.
- Денес ја продлабочуваме соработката со Кина и Амбасадата на оваа земја. Се надевам дека наскоро таа соработка ќе резултира со отворање на еден центар кој ќе овозможи размена на професори и студенти - изјави проректорот за настава проф. д-р Мишко Џидров.
Претходно УГД имаше неколку проекти кои беа со Кина и кинески универзитети. Факултетот за земјоделски науки и Факултетот за медицински науки имаа соработки со тамошни универзитети и болници.
Joomla Gallery makes it better. Balbooa.com