Четврток, Декември 26 2024
Следете нè

Костуранов: Избраното лого на УГД е модерна, симплифицирана и стилизирана верзија на оригиналното лого

Ване Костуранов е уметникот кој го изработи дизајнот на новото лого на Универзитетот „Гоце Делчев“. Имаше две верзии кои им беа понудени на гласање на вработените, студентите и средношколците и беше избрана верзијата која ќе биде лого на Универзитетот.

- Избраното лого е модерна, симплифицирана и стилизирана верзија на оригиналното лого на Универзитетот „Гоце Делчев“, на кое е претставена зградата на Ректоратот. Оваа зграда е училиштето во Ново Село - Штип, каде што учителствувал Гоце Делчев, а сега е зграда на Ректоратот на Универзитет „Гоце Делчев“. За мене, како дизајнер, беше важно да дојдам до решение кое е модерно и лесно препознатливо на различни медиуми и апликации, но во исто време, решение кое успешно ја претставува универзитетската историја и традиција, како и наследството што ни е оставено од еден од нашите најголеми великани, Гоце Делчев. Црвената, која е традиционална боја за Универзитетот „Гоце Делчев“, е симбол на храброста, животот и знаењето - вели уметникот Ване Костуранов.

Костуранов бил поканет од страна на претставници на Комисијата во рамките на проектот „Изработка на веб-стратегија и редизајн на порталот на Универзитет ‛Гоце Делчев‛ – Штип“.

- Барањето за редизајн на постоечкото лого на Универзитет „Гоце Делчев“ беше поткрепено со опсежна студија, која ми беше презентирана од страна на Комисијата на еден од состаноците. Оваа студија содржеше важни информации, добиени со долгорочно и детално истражување на тимот за маркетинг при УГД. Врз основа на податоците добиени од оваа студија беа поставени основите за новиот визуелен идентитет, а најважен момент беше да се дојде до модерно, едноставно и препознатливо решение, кое успешно ќе ги претставува традициите, вредностите и мисијата на Универзитетот - вели Костуранов.

Сега следува процес на имплементација на логото на различните онлајн платформи, како и на сите места каде што ќе биде потребно. Костуранов вели дека останува отворен за соработка со УГД.