Волонтерството и воннаставните активности ќе бидат тема на настан кој се одржува во вторник, 4 април, во Тренинг центарот на УГД (поранешен Универзитетски ресторан). Настанот е дел од проект кој го реализира Македонско-американската алумни асоцијација (МААА) во партнерство со државните универзитети од Македонија. Во Штип партнери на МААА се Универзитетот „Гоце Делчев“ и Универзитетското студентско собрание.
Настанот, всушност, ќе биде инфо-обука за волонтерство и воннаставни активности на која студентите ќе можат да проследат кратка презентација на проектот и можностите за вклучување на студентите на УГД. Газменд Илази од Амбасадата на САД ќе ги презентира едукативните програми во САД, а Огнен Јанески ќе реализира Интерактивна работилница за генерирање на конкретни идеи.
Програмите кои ќе бидат презентирани нудат одлични перспективи за младите, па ова е навистина одлична можност за студентите на УГД да дознаат важни информации за нивниот натамошен развој и надградба.
Настанот започнува во 10.30 часот (вторник, 4 април 2023 г.), во Тренинг центарот на УГД (поранешен Универзитетски ресторан).