Недела, Ноември 24 2024
Следете нè

Со нов Меморандум за соработка им се овозможува поголема достапност на студентите до програмите за мобилност на Амбасадата на САД

Универзитетот „Гоце Делчев“ денес потпиша Договор за соработка со Македонско-американската алумни асоцијација. Договорот се однесува на искористување на капацитетите на двете организации и учество во заеднички проекти.

  • Ние веќе имаме вклучено наши професори во нивни активности. Верувам дека и во иднина ќе имаме заеднички соработки на проекти. Целта е да вклучиме што е можно повеќе професори и студенти од Универзитетот - вели проректорот за настава на УГД проф. д-р Мишко Џидров.

Од Универзитетот во Штип веќе има голем број членови во оваа алумни организација, а идејата е таа бројка да се зголемува и што е можно повеќе студенти и професори да аплицираат на повиците кои ги има Амбасадата на САД во Македонија и Алумни организацијата.

  • Со потпишувањето на Меморандум за соработка очекуваме интересот и апликациите од академискиот кадар и студентите од овој Универзитет да се зголемат. Зборувам за програмите кои одат преку Американската амбасада во Македонија - вели Верица Јорданова, претседателка на МААА.

Амбасадата веќе во тек има неколку програми на кои би можеле да аплицираат студенти и професори од Универзитетот.

  • Во моментов има три програми од кои две се во образование. Програмата „Фулбрајт студент“ е за студенти на постдипломски студии и програмата „Фулбрајт сколар“ која нуди постдокторски студии за истражување - вели Газменд Илјази од Амбасадата на САД во Северна Македонија.

Договорот денес го потпишаа ректорот на УГД проф. д-р Блажо Боев и претседателката на МААА Верица Јорданова.

Joomla Gallery makes it better. Balbooa.com