Недела, Ноември 24 2024
Следете нè

Мотивациско предавање на доц. д-р Мирјана Коцалева пред основци од Скопје

Доцент д-р Мирјана Коцалева од Факултет за информатика одржа мотивациско предавање како дел од проектот „СТЕМ едукација и кариера – предизвик за девојки и млади жени (WomenInStem)“. Предавањето беше одржано преку Zoom платформата и беше наменето за учениците од основните училишта „Дане Крапчев“ и „Тихомир Милошевски“ во Скопје.

WomenInStem е проект кој ги промовира кариерите (професиите) во СТЕМ областа (наука, технологија, инженерство и математика) со главен фокус на младите девојки од основно и средно образование. Преку кампања за промоција на СТЕМ кариерите од жени со успешни кариери во оваа област ќе ги поттикне и охрабри младите девојки да го направат сопствениот избор. Покрај тоа, проектот ќе обезбеди и истражување за главните бариери со кои се соочуваат младите ученички за да развијат желба и аспирација кон кариерен развој во СТЕМ областа. Врз основа на наодите од истражувањето ќе се предложат мерки за намалување на главните бaриери (во семејството, училиштето, општеството). Крајната цел е подигање на свеста на младите девојки за СТЕМ кариерите, зголемување на бројот на потенцијални студентки во високообразовните институции во СТЕМ областа, намалување и запирање на одливот на мозоци, како и моделирање на кадар кој е високо побаруван на пазарот на труд со вештини, искуство и барање.

Проектот WomenInStem дополнително има за цел да го намали јазот во образованието на младите жени и мажи и да ја намали професионалната сегрегација на жените во нископлатени професии, со мали можности за напредување. На тој начин ќе се намалат и родовите разлики на пазарот на труд (активност, вработеност и плати) и жените ќе имаат поголема улога во економскиот развој и поголема економска независност.