Недела, Декември 22 2024
Следете нè

Со отворање на Правна клиника, Тренинг центар, изложби и промоции продолжува одбележувањето на 16 години УГД

Со отворање на Правна клиника, изложба на Ликовната академија, презентација на Технолошко-технички факултет, електронски рути на Факултет за туризам и бизнис логистика, видеоприказна на Земјоделски факултет и Факултет за образовни науки, како и музички настап на Музичката академија, денес продолжи одбележувањето на 16 години УГД.

На вториот ден од одбележувањето се промовираше Правната клиника со своите канцеларии на Правниот факултет. Во оваа клиника студентите ќе имаат уште едно место за практична настава и да практицираат право. Според раководителката на Правната клиника, проф. д-р Милица Шутова, Правната клиника им дава можност за остварување на бесплатна правна помош на сите физички лица во рамките на Законот за бесплатната правна помош. Преку ова, ќе се  обезбеди и  унапреди правото на физичките лица за пристап до правда и правична судска заштита.

Покрај отворањето на Правната клиника, денес во просториите на Правниот факултет свечено се отвори и Тренинг центарот на УГД. Тренинг центарот e замислен како место каде што ќе се одржуваат бројни настани, семинари и обуки. Факултетот за туризам и бизнис логистика денес во Тренинг центарот ги презентираше своите електронски рути. „Електронските рути даваат можност преку скенирање на QR код да се дојде до туристичка дестинација на мобилните телефони“, истакна проф. д-р Христина Серафимовска од ФТБЛ. 

На прославата се претставија и студентите од Ликовната академија со своја изложба. „Станува збор за дипломски трудови на студенти од последните неколку години. Дел од овие трудови се изработени во време на пандемијата, кога немаше физичко присуство. Така што овие трудови денес првпат се изложуваат“, истакна професор Слободан Милошески од Ликовна академија.

Своја презентација имаа и студентите на Технолошко-технички факултет при УГД. Приказот на ТТФ е концепциска изложба, а фокусот е ставен на студентите, на нивната идеја и креативност. „Денес покажуваме дека младите можат и умеат“, истакна проф. д-р Сања Ристески од ТТФ.

Сите овие настани во Тренинг центарот на УГД ги збогати и концертот на студентите и професорите од Музичката академија, односно од Одделот за џез на Академијата. Настаните во рамките на прославата продолжуваат и во наредните денови. Утре следува промоција на доктори на науки на УГД, а задутре Ораторската вечер.

Joomla Gallery makes it better. Balbooa.com