Наставата на единиците на Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип во учебната 2022/2023 година ќе се одвива на хибриден начин (комбинација на онлајн настава и изведување настава со физичко присуство). На некои единици каде што групите за настава се релативно мали изведувањето на наставата може да биде и во потполност со физичко присуство.
Ова е Одлука на Ректорската управа на УГД, која е донесена врз основа на искуството од изминатите семестри од кога почна спроведувањето на онлајн наставата, моменталната ситуација со пандемијата и препораките од надлежните институции.
Вежбите, колоквиумите и испитите ќе се спроведуваат со физичко присуство.
Другите форми на континуирана проверка на знаењето и одбраните на дипломски, магистерски и докторски трудови за студенти ќе се организира со физичко присуство со спроведување на основните заштитни мерки и од страна на наставничкиот кадар и од студентите.
Моменталната здравствена ситуација покажува намален број на новозаразени, а нема ниту ограничувања и препораки од Владата. Во текот на семестарот ќе се следат препораките од надлежните институции и во зависност од тие препораки и ситуацијата со пандемијата ќе се носат одлуки за евентуални промени, односно наставата да се организира хибридно или онлајн.