Четврток, Ноември 21 2024
Следете нè

Обука за имплементирање на Националната рамка за квалификации

Во рамките на Твининг проектот „Понатамошна поддршка за имплементирање на Националната рамка на квалификации“ (Further support to the implementation of the National Qualifications Framework) се одржа настан на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Оваа активност е предвидена во Компонентата 2, која се однесува на зајакнување на имплементацијата и капацитетите на НРК согласно со рамката за обезбедување квалитет. 


Посебно задоволство е на нашиот универзитет да ги имаме експертите од Литванија и од Хрватска. Се работи на имплементација на проект за подобрување и натамошен развој на Националната рамка за квалификации. Денес зборувавме за контрола на квалитетот во високообразовните институции и експертите од Литванија и Хрватска споделија нивни искуства. Добро е што ваква обука дојде токму на време, бидејќи УГД се подготвува за третата екстерна евалуација, а ние процесот на самоевалуација го работиме во континуитет на секои три години – изјави проф. д-р Лилјана Колева-Гудева од Одборот за акредитација на студиски програми.
На обуката учествуваа продеканите, но и членовите на Комисијата за самоевалуација на УГД, како и членовите на комисијата која треба да ја спроведува надворешната евалуација.
 Денес се презентираа постапките за внатрешна оценка на квалитет, кои се во директна врска со квалитетот на квалификациите на студентите. Преку ваквите средби се обезбедуваат неколку придобивки – првата е видливоста на активностите, а потоа ние од аспект на МОН како креатори на политики ги користиме информациите за да можеме да имаме подобар увид при креирањето на политиките – изјави Борчо Алексов од Министерството за образование и наука.
 Меѓу експертите кои ги пренесоа искуствата беше и проф. д-р Ана Тецилазич, генерален секретар на Универзитетот во Загреб. Таа истакна дека, пред сѐ, треба да се воспостави внатрешен систем за осигурување на квалитет кој е ефикасен и кој ја вклучува целата академска заедница – и професорите и студентите.


Денес разговаравме за тоа какви се европските практики и стандарди кои се применуваат во воспоставувањето на такви системи. Како да се вклучат студентите во изработка на програми, во нивно континуирано ревидирање и унапредување, како да се обезбедат адекватни ресурси за квалитетна настава, како да се обезбедат интерни процедури со кои се потврдува и гарантира дека студентите ги стекнуваат оние знаења кои се предвидени со студиската програма и дека стандардите на квалитет притоа се задоволени – вели проф. д-р Ана Тецилазиќ.
 Главната цел на проектот е зајакнување и поголема применливост на Националната рамка на квалификации за зголемување на вработливоста, мобилноста и социјалната интеграција меѓу работодавците и учениците. Оваа цел ќе биде постигната само преку остварување на посебната цел на проектот, а тоа е поддршка на ефикасноста на Националната рамка на квалификации со дополнителен развој и имплементација на: 
постапките за осигурување квалитет;
транспарентност и управување со вештините и квалификациите во рамки на доживотното учење во општото образование и стручното образование и обука и високото образование;
подобрување на квалитетот и подобра приспособливост на образованието и обуките согласно со барањата на пазарот на трудот;
поврзување на формалното, неформалното и искуственото учење;
поддршка на процесот на валидација на резултатите од учење стекнати преку неформално или искуствено учење.
Од страна на проектниот тим на обуката присуствуваа: Нора Скабурскиене - експертка, Република Литванија [Nora Skaburskienė (STE)], Ана Тецилазиќ - експертка, Република Хрватска [Ana Tecilazic (STE)], Борчо Алексов - проектен лидер од земјата корисник, Јолита Буткиене - постојана твининг советничка од земја членка, Нада Лазовска - постојана твининг советничка од земја корисник, Снежана Филиповска - преведувач и Даниел Ѓоќески - ПТС помошник.