Министерката за одбрана Славјанка Петровска дебатираше со студентите на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип на тема „Клучни предизвици на сајбер одбраната и безбедноста на РСМ, можности по членството во НАТО“. Дебатата е дел од активностите за одбележување на Денот на НАТО и годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО.
- Ова е моја прва посета на УГД и ми е мило што тоа е токму на денот кога се одбележува 74-годишнината од формирањето на НАТО Алијансата. Ова е исклучително добра можност со студентите и академската заедница да разговараме на тема што е НАТО Алијансата, кои се предизвиците со кои таа се соочува 74 години по нејзиното формирање и како НАТО и сите земји членки се приспособуваат на тие состојби. Многу ми е драго што овие дијалози ќе ги водам со студентите, со оние кои во некое идно време треба да ги заземат позициите и во државата, но и да бидат нејзин составен дел. Високото образование е клучен сегмент од нашето општествено живеење, а особено во областа на одбраната. Токму заради тоа сакаме да привлечеме млади кадри кои сѐ уште го немаат дооформено своето високо образование да ја сознаат и спознаат средината во Министерството за одбрана и Армијата и со тоа да ги научат предизвиците со кои ние се соочуваме. Вратата на Министерството за одбрана и Армијата се секогаш отворени за младите кадри за кои длабоко веруваме дека треба да останат овде во нашата држава – изјави министерката Петровска.
За придобивките од членството во НАТО, Петровска вели дека клучната придобивка е засилената безбедност која ја имаме и гарантирањето на нашата безбедност на национално ниво:
- РСМ е дел од колективниот систем на одбрана на НАТО Алијансата, а во НАТО важи правилото дека кога сте во НАТО никогаш не сте сами. Тоа значи дека можеме да се потпреме на нашите партнери, на останатите членки на Алијансата, кои ќе ни помогнат тогаш кога ни е најпотребно. Но она што е уште поважно уште во текот на процесот на пристапување, но и сега кога сме НАТО земја членка, дека тие ни помагаат да ги зајакнеме сопствените капацитети за одбрана – рече Петровска.
На настанот беше презентиран и НАТО фондот „Науки за мир“, во кој учесник е и проф. д-р Кристина Мишева од Правниот факултет на УГД.