Петок, Април 26 2024
Следете нè

Божидар Донев, Даница Левкова и Ивона Тодоровска најдобри меѓу најдобрите на 11. Ораторска вечер на УГД

Дванаесет оригинални, нецензурирани говори, изблик на слободната мисла на младите луѓе, говори и мисли кои треба да нѐ поттикнат сите нас, ни се случија на 11. издание на Ораторската вечер на УГД.

Сведоци на инспирираните говори беа над 400 присутни во салата на Мултимедијалниот центар на УГД, но и оние кои го следеа стримингот на социјалните мрежи на Универзитетот. Правниот факултет и Клубот на оратори „Rostra Vetera“ уште еднаш се покажаа како одлични организатори, посебно ако се знае дека настанот беше финалниот дел на еден подолг процес во кој ораторите беа менторирани и подготвувани од страна на дел од професорите на Правниот факултет.

Темите на говорите на учесниците на оваа Ораторска вечер беа за актуелните политички проблеми, животните предизвици, социјални проблеми... Годинава за првпат, покрај студентите, учествуваа и средношколци од Штип и од Кочани, а за најдобрите одлучуваа жири-комисија и публиката.

Комисијата составена од проф. д-р Ана Никодиновска-Крстевска, проф. д-р Димитар Апасиев, проф. д-р Трајче Стојанов, Борис Шарковски (претставник од спонзор) и м-р Елена Трајковска (алумни, победник на VI Ораторска вечер) за најдобар оратор-студент го избра Божидар Донев, студент на Медиумски студии и односи со јавноста на Правен факултет, а за најдобар оратор-средношколец Даница Левкова, ученичка при СОУ „Славчо Стојменски“ - Штип. Од Ректорската управа на Универзитетот победниците се здобија со парична награда од 200 евра во денарска противвредност и вредносна бакарна плакета од спонзорот.

Изборот на публиката беше говорот на Ивона Тодоровска, средношколка од СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани. Таа беше наградена со плакета и парична награда од 300 евра во денарска противвредност, обезбедена од Фондацијата за развој на локалната заедница, која беше еден од спонзорите на годинашното издание на Ораторската вечер.

Сите учесници на Ораторската вечер добија вредни подароци, обезбедени од Еразмус плус и порталот за млади goce.mk.

Joomla Gallery makes it better. Balbooa.com