(Видео) Почнаа уписите во првиот уписен рок на УГД

Универзитет „Гоце Делчев“ денес ги започна уписите со прием на документите од студентите кои се пријавиле онлајн. Иако целиот процес на пријавување е преку интернет, студентите имаат обврска да ги донесат документите и да извршат упис во прва година на Универзитет „Гоце Делчев“.

Проректорот за настава, проф. д-р Мишко Џидров, истакна дека системите за пријавување преку интернет се отворени од 1 јули и студентите можат да аплицираат. Аплицирањето сѐ уште е во тек и тоа може да се направи преку интернет, но сепак студентите мораат да ги достават документите до УГД.

- Доколку има студент од Струмица и сака да студира на некој факултет во Штип, да речеме, тој може да ги достави документите во Наставниот центар во Струмица. Во овие четири работни дена ќе биде првиот уписен рок. По завршувањето сите кои ги доставиле документите ќе бидат рангирани и ќе продолжат со процесот на запишување во студиската 2022 година - истакна проректорот Џидров.

Тој исто така потсети дека и оваа година УГД доделува стипендии, односно ослободување од плаќање партиципација, на најдоброрангираните студенти на секој факултет. И оваа година има интерес од странските студенти. Најголем е интересот од Турција, но има интерес и од држави во Африка и Азија. Оваа година за првпат се запишуваат студенти кои ќе студираат на англиски јазик на Факултетот за медицински науки. Студиската програма на ФМН е акредитирана и од оваа година ќе почне со настава. Ова не е единствената програма на англиски јазик. Вакви програми има на Правен факултет, на Музичка академија и на Филмска академија.

Во текот на наредните два семестри е планирано хибридна настава само за најголемите групи на факултетите. Сите останати, помали групи на студенти, се враќаат во предавалните.