Четврток, Мај 2 2024
Следете нè

Правен факултет го одбележа Светскиот ден на интелектуалната сопственост

26 април е Светски ден на интелектуалната сопственост кој секоја година се одбележува од страна на Светската организација за интелектуална сопственост (WIPO), почнувајќи од 2000 година.
По тој повод, Правниот факултет и „Europe House“ - Струмица организираа Панел-дискусија на тема „Заштита на интелектуалната сопственост во дигиталната ера“, која се одржа на 24 април 2023 година во просториите на Правен факултет. Настанот го отвори деканката на Правен факултет, професор д-р Олга Кошевалиска, а модерираше професор д-р Марија Амповска.
Во дискусијата учествуваа деканот на Факултетот за информатика, професор д-р Сашо Коцески, професор од Правниот факултет, д-р Милица Шутова, како и двајца претставници од Државен завод за индустриска сопственост: г. Али Асани, државен советник за индустриска сопственост и г-ѓа Далила Јармова, раководител на Одделението за трговски марки. Настанот го следеа студенти на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, средношколци од Источнопланскиот регион, како и претставници на судската власт.   
Целите на настанот беа со присутните да се споделат најновите текови и тенденции во заштитата на авторските права, со акцент на правата од областа на информатичките системи, како и на правата од индустриската сопственост во дигиталната ера. Панел-дискусијата отвори многу прашања за постојните предизвици со кои се соочува општеството и правото во обидот да воспостави ефективен, сеопфатен и современ систем на интелектуална сопственост кој ќе обезбедува баланс меѓу интересите на пронаоѓачите, креаторите, односно авторите на различни дела и општеството од друга страна.