Петок, Декември 27 2024
Следете нè

На УГД презентирана студија за откривање на извори на загадување на воздухот во Скопје

На Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип беше одржана презентација на резултатите од Студијата за откривање на извори на загадување на воздухот во градското подрачје на Скопје.

Студијата е изработена со софистицирана лабораториска опрема на Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип која прецизно ги анализираше и утврди поединечните видови на загадувањето на воздухот.

„Проблемот со аерозагадувањето не е ексклузивен само за Скопје, поголемиот дел од урбаните средини имаат проблеми со загадувањето на воздухот“, истакна проректорот за развој и инвестиции на УГД,  проф. д-р Дејан Мираковски. Професорот Мираковски е и раководител на лабораторијата АМБИКОН, која две години беше вклучена во анализи и истражување за аерозагадувањето во Скопје. Забележано е дека сите урбани средини имаат специфичен проблем и не може да се реши ако не се знае кое и од каде доаѓа загадувањето.

„За жал, подетални информации имаме за урбаната зона на Град Скопје. Бидејќи ваквите истражувања се долготрајни, имавме мерења повеќе од една година на пет локации, од кои две континуирано 365 дена. За Скопје можам да коментирам, како главен загадувач се потврди дека тоа се емисии од биомаса, согорување на дрва, а потоа доаѓаат емисиите од сообраќајот“, вели Мираковски.

Александра Димова-Манчевска, проектен раководител на проектот „За справување со загадувањето на воздухот во Град Скопје“ вели дека проектот се реализира во изминатите две години и се преземаат активности да се намали аерозагадувањето во Град Скопје

„Една од најкомплексните активности е во 129 домаќинства во населбата Лисиче да ги замениме системите за загревање, од системи коишто се енергетски неефикасни, односно користат огревно дрво, јаглен или нафта за загревање ги заменуваме со топлотни пумпи или инвертери и печки на пелети. Покрај овие системи во 60 објекти заменуваме фасади и ставаме изолација на покривната конструкција. Четвртата мерка којашто ја спроведуваме е замена на старите прозорци“, вели Димова-Манчевска.

Според експертите и членовите на невладините организации кои беа вклучени во проектот, она што го имаат научено, осознаено при истражувањето во Скопје можат да го искористат и при анализи и во други градови. Студијата е изработена во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот во Град Скопје“, вреден над два милиони американски долари, финансиран од Шведската агенција за меѓународна соработка и развој (СИДА), а го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање.

Во рамките на презентацијата, новинари од повеќе медиуми имаа можност да се запознаат со можностите што ги имаат акредитираните лаборатории на УГД, од кои дел беа активни и во истражувањата вршени за овој проект.

Joomla Gallery makes it better. Balbooa.com