На Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип се одржа средба со студентите од Турција, на која тие имаа можност да проследат презентација од страна на МВР и Граничната полиција - Oдделение за регулирање на престој на странци.
Ова треба да им помогне полесно да ги решаваат прашањата поврзани со нивниот престој за време на студирањето во Штип и престојот во Македонија. На средбата студентите можеа да се запознаат со електронскиот систем на УГД.
- Денес за новите студенти од Турција организираме настан на кој МВР заедно со Граничната полиција ќе имаат презентација на нивните обврски кон нашата држава, како да го регулираат својот престој и да знаат како да се однесуваат во текот на нивното студирање. Ние како Универзитет ќе го искористиме овој момент да се запознаеме со студентите и да го презентираме нашиот електронски систем, за да видат како ние работиме онлајн и како лесно можат да стапат во контакт со нас. Одговараме и на нивните прашања, за да можат овие студенти полесно да влезат во образовниот процес на УГД – рече проректорот за настава на УГД, проф. д-р Мишко Џидров.
Професорот на УГД Махмут Челик изјави дека бројот на студенти од Турција се зголемува, ако минатата година сме имале 400, оваа година веќе се 500 студенти. Овие студенти имаат позитивно мислење за УГД, како и за градот Штип, а секако и нивното студирање овде има позитивни страни.
- Турските студенти често прашуваат за нивниот престој, како да го регулираат, бидејќи често тоа се одолговлекува. Тие имаат можност како туристи три месеци да останат во Македонија, а потоа треба да добијат виза за една година, по што можат да продолжат со студирањето. Бидејќи често се соочуваат со проблеми, се надевам дека денес ќе добијат одговори кои ќе им помогнат полесно да ги завршат формалностите – изјави професорот на УГД, Махмут Челик.