Министерството за образование и наука ќе продолжи да им обезбедува бесплатен пристап до една од водечките научноистражувачки бази во светот – EBSCO на јавните универзитети во државава, Македонската академија на науките и уметностите и на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” во Скопје.
Владата го прифати предлогот на МОН за потпишување на нов петгодишен договор со EBSCO Publishing, од Ипсвич, САД, во вкупна вредност од речиси 625 илјади долари, односно по 125 илјади долари на годишно ниво.
Станува збор за иницијатива во рамки на пошироката стратегија за поддршка и придонес кон развој на науката и научноистражувачката дејност во Република Северна Македонија, која ќе ги подобрува условите и можностите за истражување на научноистражувачките кадри, професорите и студентите. Преку оваа база тие можат да обезбедуваат современа меѓународна литература и списанија со висок фактор на влијание, односно податоци и информации за изработка на соодветно истражување, проект, или каков било труд во одредена област.
EBSCO претставува водечки светски агрегатор на електронски бази и банки на податоци, основан во 1944 година. Со потпишувањето на националниот договор, Северна Македонија обезбедува пристап до 14 бази на електронски научни списанија и информации со фактор на влијание кои вкупно опфаќаат над 57.000 списанија - од кои над 22.000 се електронски списанија во целосен пристап (full text) во PDF формат, со над 5.000 високонаучни цитирани списанија со фактор на влијание, достапни до државните универзитети и научни институти, односно до научните работници и студентите од високообразовните институции и јавните научни установи во Република Северна Македонија.
Меѓу базите со податоци овој пат се наоѓа и Computers & Applied Science Complete, која не беше опфатена со претходно склучените национални договори, а на која укажуваа високообразовните и научните установи.