Новиот ректор на Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, проф. д-р Дејан Мираковски, денес ја презеде функцијата на која беше избран на изборите во јуни годинава.
На седницата на Ректорската управа на УГД, на која присуствуваа деканите на факултетите и академиите, досегашниот ректор проф. д-р Блажо Боев му посака успешна работа на новиот ректор проф. д-р Дејан Мираковски.
Боев нагласи дека нема сомнение дека Мираковски ќе продолжи во добра насока да го води Универзитетот. Исто така, Боев посака да не се повторат последните три години и здравствената криза, кои многу ја отежнаа работата во сите области, па и во високото образование.
По предавањето на ректорските инсигнии од страна на досегашниот ректор, новиот ректор проф. д-р Дејан Мираковски им посака успешна работа на членовите на новиот состав на Ректорската управа, во интерес на Универзитетот и на студентите.
Првите одлуки на новиот состав на управата беа за избор на проректори. На местото проректор за настава и понатаму останува проф. д-р Мишко Џидров, а за проректор за наука беше избрана проф. д-р Зденка Стојановска од Факултетот за медицински науки.