Сабота, Ноември 23 2024
Следете нè

Проф. д-р Мајхошев промовираше книги посветени на социјалниот дијалог или монолог во Македонија

На Правен факултет на УГД беа промовирани три нови книги на проф. д-р Андон Мајхошев: „Индустриски односи - регулатива, теорија и практика“, „Индустриските односи во Република С. Македонија - емпириска анализа“ и „Лексикон на индустриски односи“.

-Тајмингот на пишувањето на книгите се совпаѓа со датумот на почетокот на преговори на РМ во ЕУ, а тоа е 17 декември 1995 година, и од тогаш нашата држава секоја година добива извештаи за напредокот кон ЕУ. Основна нишка околу која се движи приказната во моите книги е социјалниот дијалог. Во една пригода поранешен претседател на Европската комисија има изјавено дека социјалниот дијалог, колективното договарање и консултациите помеѓу социјалните партнери е кодот или ДНК на Европската Унија. Со датумот за преговори на Македонија, од 17 декември 2005 година, таа на некој начин го добива тој код за приближување кон ЕУ. Основна инспирација да се зафатам со пишувањето на овие книги е нефункционирањето на социјалниот дијалог во државата. Следејќи ги појавите поврзани со социјалниот дијалог и индустриските односи во Македонија, дојдов до податоци дека фактички немаме социјален дијалог, туку имаме социјален монолог. Тоа укажува дека Македонија треба да поработи на подобрување на социјалниот дијалог, бидејќи една од портите за побрз влез во ЕУ е токму и социјалниот дијалог, кој е важен исто како и политичкиот дијалог. Како заклучок од трите книги се наведува дека социјалниот дијалог всушност е монолог и се одвива од аспект на институции, односно манифестирање на моќ од најмоќниот социјален партнер – владата, додека другите партнери се послаби. Како насоки и препораки е како социјалниот дијалог во нашата држава да се подобри и со тоа да ги забрза евроинтеграциските процеси. И во последниот Извештај на Европската комисија стои дека социјалниот дијалог се подобрува, но не е на потребното ниво. Овие книги на некој начин го трасираат патот, упатуваат на тоа што треба да направат власта, државата, синдикатот, со цел социјалниот дијалог во Македонија  да добие на динамика, а со тоа и да се приближиме кон ЕУ – изјави проф. д-р Андон Мајхошев.

Промотори на книгите беа проф. д-р Лазар Јовевски, професор по Трудово право на Правен факултет на УКИМ - Скопје и проф. д-р Билјана Тодорова, професор по Социјално право и Трудово право од Правен факултет при УГД - Штип.

- Книгите се особено значајни, затоа што во изминатава деценија многу малку се истражува, посебно од научната и стручната јавност, на теми  кои ги опфаќаат индустриските односи и за улогата што ја има Синдикатот во нив. Книгите се наменети за студентите кои студираат на втор циклус студии на Правен факултет, но од истите корист ќе има и пошироката научна јавност – изјави проф. д-р Билјана Тодорова.   

- Се радувам секогаш кога имаме луѓе кои творат, истражуваат, пишуваат. Андон е човек, професор на УГД, кој не една, не две, туку три книги промовира, и тоа е нешто уникатно. На тој начин мислам дека авторот, но и целиов овој настан, праќа една силна порака до целата научна јавност, но и целата јавност, дека науката има место под сонцето во Македонија, и дека треба вакви настани да има што почесто, односно дека треба авторите, научниците, професорите да се охрабруваат да пишуваат, истражуваат. На Македонија ќе ѝ помогнат луѓе коишто пишуваат, коишто читаат. Ни требаат луѓе, паметни, учени, мудри, кои ќе помогнат да се надминат проблемите и предизвиците со кои се соочуваме. Сметам дека Андон е еден од тие луѓе и затоа со задоволство ја прифатив поканата да промовирам една од неговите книги – изјави проф. д-р Лазар Јовевски.