На Правниот факултет при УГД - Штип пред студентите и универзитетските професори беа промовирани книгите „Меѓународно јавно право“ и „Борба за опстанок и експанзија – Студија на случај на конфликт помеѓу голема сила и мала држава“, а автор е универзитетскиот професор Дејан Маролов, промотори на делата беа универзитетските професори Ана Никодиновска-Крстевска и Јорданка Гелева.
Промоцијата на овие книги се совпадна со актуелните настани, војната во Украина, која на некој начин може да се поистовети со случаите кои во книгата ги обработува проф. д-р Дејан Маролов. Всушност, во иднина и овие збиднувања може да бидат и предмет на анализа во следни стручни трудови посветени на меѓународното право и конфликтите во светот.
- Книгата „Меѓународно јавно право“ е всушност класичен учебник за оваа област за високо образование. Интересно е дека станува збор за прв учебник за меѓународно јавно право што е објавен надвор од Скопје, не од независноста од 1991 г., туку од 1945 г. па наваму. Другата книга се погоди случајно да е актуелна тема во моментов – станува збор за студија на случај на судри на мали држави со големи сили. Обработувам два случаи од аспект на меѓународни односи, од историски аспект. Конкретно, тоа се случаите на судир на Србија со Австроунгарија, како и причините за Првата светска војна, а вториот случај Чехословачка и нацистичка Германија и воведот во Втората светска војна. Книгата е незавршена од аспект на настаните, затоа што и по Втората светска војна сме сведоци дека се случија и се случуваат голем број на конфликти во светот, така што има уште материјал кој може да се обработува во иднина – изјави авторот Маролов.
Промоторите на книгите истакнаа дека со овие дела на професорот Маролов високото образование добива вредни стручни трудови кои не само што се класичен учебник за областа на меѓународното јавно право, туку и предизвик за натамошно истражување и анализирање на оваа научна област.