Недела, Декември 22 2024
Следете нè

Отпадот не е отпад сѐ додека го искористуваш: Завршен перформанс на студентите на ТТФ како дел од Проектот „4Р“ во соработка со ФРЛЗ - Штип

Во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип се одржа регионална дебата за предизвиците од Законот за управување со дополнителни текови на отпад, организирана од страна на Фондацијата за развој на локалната заедница - Штип.

На настанот учествуваше и Технолошко-технички факултет при УГД. Беа претставени креации на детски модели изработени од текстилен отпад, како и изложба на редизајнирани парчиња облека од отпад. Настанот е презентација на завршни активности на Проектот „4Р (редуцирај, рециклирај, реупотреби, реагирај)“ поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија, а имплементиран од страна на ФРЛЗ. Целта е да се поттикне чувство на одговорност кај луѓето за селекција и рециклирање; да ги согледуваат последиците од несоодветното однесување со отпадот од најрана возраст и за успешно стекнување вештини за преработка на текстил, за директно вклучување во пазарот на трудот и обезбедување на  егзистенција.

Ранливи категории на граѓани, како и деца од рана школска возраст беа активно вклучени во проектот. Редизајнираа, реконструираа, реупотребуваа и пренаменуваа текстил во уникатни нови форми на облека и модни додатоци.

Ментор низ целиот овој едукативно-креативен процес е Сања Ристески, доктор по технички науки од областа на науката и технологијата за текстил на Катедрата за дизајн на текстил и облека при ТТФ-УГД.

Придонес во целиот циклус имаа и студентите на Технолошко-технички факултет и останатиот стручен кадар со чија помош се создадоа многу креативни дела. Како завршна активност и презентација на сите резултати се одржа детски моден перформанс во кој беа претставени 18 модели на женски детски фустани и исто толку пернички како моден додаток, а сите тие се изработени од текстилен отпад.

Се надеваме дека преку овој проект ќе успееме да ја подигнеме колективната свест за тоа што претставува отпадот, колкава е неговата штетност за квалитетот на средината во којашто живееме, а со тоа ќе иницираме поголема вклученост и одговорност на граѓаните во реупотребата на текстилниот отпад.

Да почнеме на отпадот да гледаме како на ресурс од кој може да се добијат многу нови естетски или функционални производи.

Отпадот не е отпад сѐ додека го искористуваш!

Претвори го отпадот во уникатно парче облека и покажи ја твојата општествена одговорност. Планетата Земја ќе ти биде благодарна.

Започни од себе, не чекај на другите.

За почиста планета, за поздрава иднина!

Joomla Gallery makes it better. Balbooa.com