Француски филмови, изучување на францускиот јазик и отворени настани со презентација на француската култура и традиција се дел од активностите кои УГД ги договори со Францускиот институт во Скопје. Во наредниот период ќе започнат координациите со цел да се реализираат дел од овие активности кон крајот на пролетта или почетокот на летото.
- Дојдовме да разговараме за можностите за соработка со француските универзитети. Задоволен сум што УГД во Штип веќе има соработка со Универзитетот во Монпелје во Франција. Денес разговаравме и за други можности за соработка. Сите овие проекти ќе им овозможат мобилност на студентите и на наставничкиот кадар. Разговараме и за можноста да организираме и еден настан на пролет, каде што ќе ги промовираме сите можности за студентите - изјави Иго Бештел, директор на Францускиот институт во Скопје.
Директорот на Институтот се сретна со проректорот за настава на УГД, проф. д-р Мишко Џидров, при што се договорија овие активности.
- Ние веќе имаме одредени активности во насока на соработка со универзитети од Франција. Имаме константна група студенти кои студираат француски јазик како изборен предмет. Тоа ни овозможува да размислуваме за други активности. Во текот на летните или пролетните месеци ќе имаме одредени активности во областа на спортот, професори од Франција кои можат да ги споделат со нашите студенти - изјави проректорот Џидров.
Директорот на Институтот ја посети и спомен-собата на Гоце Делчев, при што имаше можност изворно се запознае дека во одреден момент од историјата Делчев предавал Француски јазик. Тој ги посети и универзитетските медиуми, каде исто така се разговараше за можноста за соработка.
Joomla Gallery makes it better. Balbooa.com