Недела, Декември 22 2024
Следете нè

Практична настава во функција на вработување на студентите – соработка на компаниите и високото образование

Земјoделскиот факултет при УГД го реализираше настанот „ПРАКТИЧНА НАСТАВА ВО ФУНКЦИЈА НА ВРАБОТУВАЊЕ НА СТУДЕНТИТЕ“. Настанот има за цел да ги вмрежи студентите и компаниите и врз основа на веќе развиени менторски програми да ги имплементира во практичните денови на студентите.

Настанот се одвива во рамки на активноста „Развој на менторска програма за високото образование во земјоделството“, финансиски поддржана од Владата на Швајцарија преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост - ИМЕ и проектот Образование за вработување во Северна Македонија - E4Е@mk.

Поддршка на ваквите активности даде и заменик-министерот за образование и наука, Агим Нухиу, кој изјави:

- Во името ма МОН сум овде да дадам директна поддршка за соработката што ја има УГД, односно Земјоделскиот факултет со компаниите, бидејќи ние мислиме дека и компаниите и академските единици, факултетите, универзитетите, се комплементарни, за да можат да дадат директен придонес за перформансите и професионализмот на младите генерации

Суада Статовци, раководител за родово и младинско вклучување, вели:

Швајцарската програма за зголемување на вработливост се реализира во три сектори, а улогата на високото образование е клучна. Денес сум овде како претставник на Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост. Програмата работи на економски развој на три сектори во Македонија – ИКТ, земјоделие и активен туризам. Поконкретно, работи на сплотување на овие три сектори, односно дигитализација на секторите земјоделие и активен туризам. Една од целите е спојување на бизнисот со академијата, и тоа е активноста која ја спроведуваме со УГД. Целта е студентите од раните денови на студирање да почнат да работат во некои од бизнисите со кои соработува или ќе соработува УГД, за да може да стекнат и практични вештини додека студираат, бидејќи бизнисите тоа и го бараат.

И студентите и компаниите ќе имаат бенефит од оваа Програма, смета проф. д-р Емилија Арсов, деканка на Земјоделскиот факултет.

- Земјоделскиот факултет во изминатиот период интензивно работеше на развивање на менторска програма за практична настава на студентите, односно за реализација на практична настава во компаниите. Направивме еден идеален спој помеѓу компанијата, менторот – факултетот и студентите. Покрај тоа што студентите ја извршуваат задолжителната летна пракса, направивме програма за извршување на практични денови во текот на неделата и семестарот додека трае теоретската настава. Тоа значи дека во деновите кога немаат теоретска и лабораториска настава, студентите посетуваат практични денови во компаниите. Ова потекнува од идејата за да може да им помогнеме на идните работодавци да создадеме кадар кој ќе биде стручен во нивната област. Тоа значи дека во трета и четврта година студентите со овие посети на компаниите ќе стекнат доволно искуство за да можат по дипломирањето и стекнувањето на звање дипломиран инженер агроном веднаш да влезат во производниот процес во компанијата. Се надеваме на успех, имаме интерес од страна на студентите и, се разбира, ги повикуваме компаниите кои работат во агросекторот да ги отворат вратите за нашите студенти за да може утре да имаат еден обучен кадар кој ќе одговори на пазарот на трудот.

Студентите на денешниот настан имаа можност да слушнат во која насока е развиена менторската програма, но и успешна приказна на еден студент кој се пронајде и ја почна својата приказна, се вработи во компанија и ги извршуваше тие практични денови.