Сабота, Ноември 23 2024
Следете нè

УГД поддржува изградба на студентски дом, а има и готов проект за нов Факултет за медицински науки

Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, проф. д-р Дејан Мираковски, одржа средба со новинарите од локалните, регионалните и националните медиуми. На средбата проф. д-р Мираковски одговараше на прашања поврзани со работењето на УГД, но и на она што е дел од активностите на некои од факултетите, поврзано со заштитата на животната средина, аерозагадувањето и сл.

Проф. д-р Мираковски најави дел од активностите за одбележување на Денот на УГД - 27 март, при што повторно во прв план ќе бидат студентите. Најдобрите студенти од сите факултети ќе добијат вредносни ваучери.

УГД ќе добие и Центар за обуки. Поранешниот ресторан, кој е во зградата на Универзитетот во центарот на Штип, станува Центар за обуки во кој ќе има три училници комбинирани за интерактивна настава. Во овој центар ќе се одржуваат курсеви, обуки и семинари и други специфични активности. Центарот свечено ќе биде отворен на 28 март.

Една од целите на УГД е акредитирање на што е можно повеќе студиски програми на англиски јазик, а секако и овозможување на квалитетни услови за странските студенти, кои во најголем дел доаѓаат од Турција, но ги има и од други држави.

- Бројот на странски студенти беше предмет на многу дискусии. Реалниот број на студенти кои студираат кај нас, од кои најголемиот дел се од Република Турција, но веќе се менува структурата, се некаде околу 600 активни студенти и околу 500 во различни форми на подготвителна настава. Ние за студентите од Турција бевме солидарни и обезбедивме и донација за справување со последиците од земјотресот, за студентите обезбедивме и онлајн настава, направивме и список - некаде околу 50 студенти се токму од најпогодените подрачја. За студиските програми на англиски јазик, во моментов, имаме две активни: на Факултетот за медицински науки и на Правниот факултет, а настава на англиски јазик се изведува и на Музичката академија и на Катедрата за современ танц. Поднесена е и акредитација за Студиска програма на англиски јазик на Факултетот за информатика – изјави ректорот проф. д-р Мираковски

Интерес кај новинарите имаше и за можната изградба на Студентски дом кај старото Нервно одделение во Штип. Проф. д-р Мираковски рече дека земјиштето со намена за изградба на Студентски дом е доделено на користење на УГД. Таму, според просторните и урбанистички планови, е планирана изградба на објекти за сместување на студентите. Но, студентските домови се надлежност на посебен сектор на МОН, универзитетите ниту ги градат ниту ги контролираат директно студентските домови.

- Нема иницијатива за некакво враќање на земјиштето, и нема да го направиме тоа. Сепак, во интерес на студентите е да има студентски дом, со што Штип ќе прерасне во студентски центар, универзитетски град во кој ќе доаѓаат студенти од повеќе држави. Ние ќе инсистираме во соработка со МОН и со Локалната самоуправа да се изградат такви објекти. Она што е за нас важно, за што имаме надлежност, е дека почнавме преговори и разговори за нов објект на Факултетот за медицински науки. Имаме локација, имаме проект и цена. Буџетот е некаде околу 3-4 милиони евра, бидејќи беше правен во друго време и сега треба да се репроектира со новите цени на пазарот. Имаме проект кој е комплетен и доколку се обезбедат средства може  веднаш да се почне со изградба. Локацијата е на просторот меѓу Средното медицинско училиште и Болницата. Има маркица за градба, маркицата е на УГД – потенцираше проф. д-р Дејан Мираковски