Сабота, Ноември 23 2024
Следете нè

Средба на деканката на Земјоделски факултет и министерот за земјоделство со студенти добитници на стипендии

За првпат годинава, студенти од насоките Земјоделство, Ветеринарство или Шумарство добиваат стипендии од највисоката категорија, со висина од 18.000 денари. Ова е дел од новата Програма за студентски стандард, донесена на крајот на 2022 година, а денес на средба со деканката на Земјоделски факултет на УГД, проф. д-р Емилија Арсов, ја промовираше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски. На средбата присуствуваа и студенти кои се добитници на стипендија, кои изразија задоволство од добивањето на стипендијата и од досегашното искуство од студирањето на Земјоделскиот факултет.

- Јас сум студент во втора година на насоката Градинарство во Наставниот центар Струмица. Земјоделскиот факултет го избрав бидејќи имаме семеен бизнис и се занимаваме веќе 15 години со производство на цвеќе и на декоративни растенија. Паралелно со студиите активно сум вклучена во секојдневната работа во нашата фирма и моја желба е да го продолжам и развијам нашиот семеен бизнис. Во сето тоа многу ми значи и стипендијата која ја добив, како и сѐ што како образование го добивам на Земјоделскиот факултет на УГД – вели Радица Андонова, студентка во втора година на насоката Градинарство.

Слично е и искуството на Христијан Ристоманов, студент во втора година, исто така, на насоката Градинарство во Наставниот центар Струмица.

- Избрав да студирам на Земјоделски бидејќи потекнувам од земјоделско семејство, кое традиционално се занимава со производство на градинарски култури во пластеници и на отворено. Бидејќи сакам да ја продолжам нашата семејна традиција, уште во средно образование се запишав во средно земјоделско, за потоа да продолжам на Земјоделскиот факултет на УГД. На студиите по градинарство имам можност да се образувам и надградувам со соодветни знаења и практични искуства кои ќе ми помогнат да го развијам и унапредам нашето индивидуално земјоделско домаќинство. Како резултат на мојот ангажман, остварив висок просек и аплицирав на Конкурсот за стипендии и сум добитник на стипендија. На сите сегашни и идни матуранти им препорачувам да се запишат на Земјоделскиот факултет, каде што имаат одлични услови за студирање и стекнување на практични вештини – изјави Христијан Ристоманов.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, истакна дека соработката со Земјоделскиот факултет на УГД е на највисоко ниво и затоа одовде започнува со промоција на новата Програма за студентски стандард, која е донесена на крајот на минатата година. Со таа програма за првпат се воведоа стипендии од износ од 18.000 денари месечно, односно од највисока категорија, за студентите со соодветен просек, а студираат на земјоделски, ветеринарни или шумарски науки.

 - Тоа го направивме првпат како заеднички проект на МЗШВ и МОН. Обезбедивме средства за студентите и го распишавме Повикот за аплицирање. Интересот беше голем, имаше 64 апликации, а денес сме тука повторно во Штип на Универзитетот „Гоце Делчев“, каде што првото утринско кафе го испивме со студентите, кои веќе потпишаа договор и девет месеци ќе добиваат стипендии од 18.000 денари. Вкупно 33 студенти од овие науки од УГД, УКИМ и УКЛО добиваат  вакви стипендии. Верувам дека ова е мотив за студентите и порака до средношколците дека навистина предизвикот со производството на храна е покрај сите нас и е важно да ги мотивираме младите и студентите да останат дома, но и да студираат на овие насоки кои се многу креативни и значајни и за кои се потребни соодветни кадри. Развојот на земјоделството започнува од образовните институции и токму затоа денес ја праќаме оваа важна порака – порача министерот Николовски по средбата со студентите и деканката на Земјоделскиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“.